Некои идеи тешко умираат – единствената реакција за смртта на Елизабета II надвор од црно-белата Македонија

Можеби единствената реакција за смртта на кралицата Елизабета втора која е надвор од црно белите коментари во Макеоднија доаѓа од новинарот на Плусинфо Жарко Јордановски под наслов ,,НЕКОИ ИДЕИ ТЕШКО УМИРААТ”.



За разлика од тие што ја воспеваат нејзината улога или пак ја напаѓаат за некакво насилство врз Македонците Јордановски зборува за суштината на владеењето без излегување на избори односно за наследно владеење кое е во спротивност со концептот на демократијата.

,,Heка не ми биде земено за зло што по повод смртта на британската кралица Елизабета Втора ќе ја изразам својата длабока аверзија кон ројализмот и монархизмот како таков.

Идејата дека синот на некој монарх треба да го „наследи“ престолот ги става народите и државите во улога на „стока“, односно имот, кој се пренесува од колено на колено, а поединците во улога на „субјекти“ кои се предмет на една таква трансакција.

Припишувањето на некакво „величие“ или „височество“ на прогласениот монарх само врз основа на неговото биолошко потекло е целосна негација на еднаквоста на луѓето во потенција, и на индивидуалните напори за сопствен развој.

„Одгледувањето“ на луѓето до врвни вредности врз основа на вкрстување на избрани примероци со „сина крв“ по „чисти линии“, со претпоставка дека од „величието“ на претците, нужно следува „величие“ на потомците, верувајќи во семоќта на гените, може да има смисла при одгледувањето расни коњи или кучиња, но кај „одгледувањето“ луѓе не би смеело да важи.

Човекот е повеќе од животно и има можност да го трансцендира своето потекло достигнувајќи индивиудувални квалитети, што ниту ги имало кај неговите претци, и не мора нужно да ги има кај неговите потомци.

Впрочем, дури и „кралот на кралевите“, чие кралство „не е од овој свет“, бил потомок на обичен столар. Веројатно затоа овие наши „кралства“, наследувани по биолошка линија, толку се разликуваат од неговото.

Накусо, наместо да се простам со кралицата Елизабета, би сакал светот да се прости со замислата за такво кралување”, пишува Јордановски.