Некои земји членки на ЕУ се среќни што по Атина и Париз, сега Софија е таа што го презеде водството во блокадата на македонските преговори со ЕУ.
Ова го објавува добро информираниот европски портал Еуроактив кој има седиште во Брисел.
Авторот на текстот, бугарскиот новинар Ѓорѓи Готев кој приватно тврди дека Македонците се измислена нација, не открива кои се земјите кои сега се среќни што Бугарија ја презема палката во блокадата за Македонија.
Истовремено во текстот Готев цитира бугарски дипломати кои неофицијално признаваат дека нивните колеги од ЕУ не ја разбираат позицијата на Софија кон Скопје.
Западните дипломати сега се збунети затоа што за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ во првата половина на 2018 година, Бугарија се залагаше за давање јасна перспектива на ЕУ за Западен Балкан.
Бугарија исто така беше меѓу најактивните земји во напорите минатата година да се надмине француското и холандското вето за отворање пристапни преговори со Република Македонија и Албанија ..
“Иако припаѓаат на различни политички семејства, Борисов (ЕПП) и неговиот колега од преку границата Зоран Заев (ПЕС) имаа многу добра хемија. Бугарските дипломати признаваат дека ова го натерало Скопје да претпостави дека Софија ќе ги затвори очите за отворените прашања”, пишува во текстот на Еуроактив.




