Во Црна Гора денеска се одржува вториот круг од претседателските избори во Црна Гора, кој веројатно е и најнеизвесниот во 32 години долгата политичка кариера на „вечниот Мило“.



Мило Ѓукановиќ, актуелниот претседател на Црна Гора и кандидат на неговата Демократска партија на социјалистите (ДПС), освои 35 отсто од гласовите во првиот круг на 19 март.

За време на кампањата тој се претставуваше како проевропски кандидат и го обвини Милатовиќ дека е експонент на великосрпската политика на Александар Вучиќ.

Неговиот противкандидат Јаков Милатовиќ од Движењето „Европа сега“ освои 29 отсто од гласовите на гласачите кои излегоа на гласање во првиот круг.

Тој е поранешен министер за економски развој во првата влада формирана по парламентарните избори одржани во август 2020 година, на кои ДПС на Ѓукановиќ го загуби мнозинството во парламентот за првпат по три децении.

Според експертите, исходот од денешните изборие нејасен, иако тие му даваат мала предност на Милатовиќ, кој беше поддржан од мнозинството кандидати кои не поминаа во вториот круг.

Ѓукановиќ, кој излезе како фаворит во првиот круг, смета на гласовите на оние кои ја преферираа кандидатурата на поранешниот лидер на црногорските социјалдемократи.

Во исто време, многу набљудувачи се согласуваат дека исходот од овие избори ќе биде клучен за идниот тек на земјата, бидејќи владините партии, кои исто така го поддржуваат Милатовиќ, се за поблиски врски со Србија и Русија.

Ѓукановиќ и неговата партија на моменти се дистанцираа од Белград и ја повлекоа Црна Гора од Сојузна Република Југославија, а исто така даваа остри изјави против Русија.

Од 1991 година, Ѓукановиќ е на власт во Црна Гора како премиер и како петседател.

Овие претседателски избори се четврти од обновувањето на независноста на Црна Гора и осми од воведувањето на повеќепартискиот систем.

Досега претседатели на Црна Гора беа Момир Булатовиќ, Филип Вујановиќ и Мило Ѓукановиќ.