Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за отвораше на истражна постапка против 32-годишна негувателка во градинка, за која постои основано сомнение за сторено кривично дело – „Запуштање и малтретирање на детето“ од член 201 став 1 во врска со член 45 од Кривичниот законик.
„Во периодот 2022-2023 година, осомничената вработена во градинка во Радишани во повеќе наврати извршила психичко и физичко насилство над тригодишно дете, кое одело на дневен престој. Таа му се обраќала на детето со навредливи зборови, го влечела за коса, па детето страдало од голем страв и стрес, што резултирало со губење на говорот и страв од одење во градинка“, се наведува во соопштението од ОЈО.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост кон осомниченото лице: забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, обврска осомничената да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање, забрана за посетување на детската градинка и сите објекти кои се дел од истата детска градинка, забрана за приближување или воспоставување, односно одржување на контакти или врски со со оштетеното дете, со неговите родители и со сведоците, како и забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, односно оддалечување од работното место.






