До крајот на неделава штедачите во Еуростандард банка, треба да започнат да ги добиваат своите пари. Истекува законски предвидениот рок од 20 дена до кога треба да започне исплатата.
Стечајниот управник Душко Тодевски веќе ги извести и граѓаните и фирмите кои имаат депозити во Еуростандард банка АД Скопје дека не треба да ги пријавуваат кај него, бидејќи тие без оглед на износот се сметаат за пријавени со денот на отворање на стечајната постапка.
Штедачите со влогови до 30.000 евра имаат право да си ги добијат парите во целина преку Фондот за осигурување депозити.
Оние кои имаат поголема заштеда, сумата над 30.000 евра треба да ја побаруваат од стечајната маса.
На граѓаните кои истовремено имаат долгови и обврски кон банката штедниот влог ќе им се намали за износот на преостанатиот долг кон банката по основ на кредит, кредитна картичка или дозволено пречекорување.
Правните и физичките лица кои имаат побарувања од банката, кои не се сметаат за депозит, имаат рок до 7 септември писмено по пошта да пријават кај стечајниот управник колку пари им должи Еуростандард банка АД Скопје, за да се обесштетуваат преку стечајната маса.
Оние граѓани кои имаат закупено сефови во банката, во следните 20 дена, ќе бидат повикани да си ги земат предметите од нив.






