Неделава Косово ќе аплицира за членство во ЕУ, најави Курти

Косовскиот премиер Албин Курти денеска најави дека Косово оваа недела ќе поднесе барање за членство во Европска Унија.



„Европската Унија е место на мир и нашата земја има природно место во оваа куќа“,рече Курти.

„Пред една година најавивме дека ќе поднесеме апликација за членство, а денеска најавуваме дека оваа недела ќе ја доставиме апликацијата до ЕУ.

Дојде време статусот на потенцијален кандидат официјално да се претвори во кандидат за членство, истакна Курти.

Според него, Косово било подобро подготвено во споредба со другите земји кога тие се пријавиле.

„Косово има природно место во ЕУ како мирна и демократска земја“, нагласи Курти.

Косово прогласи независност од Србија во 2008 година со поддршка на Западот, по војната од 1998 до 1999 година во која НАТО интервенираше за да ја заштити територијата.

Земјата не е членка на Обединетите нации и пет земји на ЕУ – Шпанија, Грција, Романија, Словачка и Кипар – одбиваат да ја признаат државноста на Косово, потсетува Ројтерс.