Илјадници светски научници и здравствени експерти потпишаа изјава против повторно воведување на карантин. Речиси 6.000 експерти веруваат дека таквата мерка може да има разорно влијание врз физичкото и менталното здравје на една личност, како и врз самото општество. Тие бараат заштитата да биде насочена кон најранливите групи и здравите луѓе да продолжат со животот, пишува Би-Би-Си.
Шеесет и шест матични лекари и голем број медицински лица кои имале важни позиции во британското медицинско друштво му пишале на британскиот министер за здравство за да му укаже на можните негативни ефекти од повторното воведување на карантин.
Движењето зад декларацијата против карантинот започна во САД, а декларацијата досега ја потпишаа скоро 6.000 научници и медицински професионалци ширум светот, како и 50.000 граѓани.
Тие истакнуваат дека ризикот од зараза со коронавирус е 1.000 пати поголем кај болни луѓе или постари лица. Како што расте имунитетот на населението, потписниците на декларацијата веруваат дека ризикот од зараза се намалува за сите групи – вклучително и за критичните. Декларацијата препорачува низа мерки за заштита на ранливите лица, вклучително редовно тестирање на вработените во старечките домови и препорачува испорака на намирници и други потреби за пензионерите што живеат дома. Од друга страна, потписниците на декларацијата се залагаат за нормално функционирање на младите, предавање во училиштата и универзитетите, отворање на рестораните и одржување спортски и културни активности.






