Не за Македонија, да за Косово и БИХ: САД го објави планот за донација на вакцини

Белата куќа објави план за дистрибуција на 55 милиони вакцини за Ковид-19 во странство, каде повеќето донирани дози ќе бидат испратени во земјите во Латинска Америка, Карибите, Азија и Африка. Меѓу земјите што ќе примат американски вакцини се Босна и Херцеговина и Косово но засега меѓу овие земји не се споменува и Македонија, јавува Гласот на Америка.



Администрацијата на Бајден во понеделникот соопшти дека повеќето дози ќе бидат споделени преку меѓународната програма за дистрибуција на вакцините Ковакс, исполнувајќи го ветувањето на претседателот Бајден за споделување на 80 милиони дози на вакцини произведени во САД со земјите од целиот свет.

Асошиејтед прес објави дека администрацијата најверојатно нема да го исполни ветувањето за дистрибуција на вакцини до крајот на јуни, поради регулаторните и други пречки. Официјални лица цитирани од новинската агенција велат дека дозите на вакцини се подготвени, но испраќањето се одложувало заради законски, логистички и регулаторни услови, како во САД, така и во земјите што ќе ги примат вакцините.

Бајден ги истакна плановите за испраќање на првите 25 милиони дози вакцини на почетокот на овој месец. Во понеделникот Белата куќа претстави план за преостанатите 55 милиони дози, вклучувајќи 14 милиони за Латинска Америка и Карибите, 16 милиони за Азија и околу десет милиони за Африка.

Дополнителни 14 милиони дози ќе бидат распределени врз основа на „регионалните приоритети“, а меѓу земјите што ќе ги примат се и Босна и Херцеговина и Косово, како и Колумбија, Хаити, Авганистан, Ирак, Украина, Јужна Африка, Западниот брег и Газа САД веќе започнаа со испорака на вакцини во Тајван, Мексико, Канада и Јужна Кореја.

„Имаме доволно залихи за да можеме да испратиме 80 милиони дози“, рече портпаролот на Белата куќа Псаки на брифинг со новинарите.

„Нашиот најголем предизвик е логистиката, фактот дека нема прирачник за тоа како да се стори тоа и постојат предизвици поврзани со доставување дози до секоја земја“, рече портпарол на Белата куќа.

Покрај тоа, претседателот Бајден на почетокот на овој месец објави дека Соединетите држави ќе купат 500 милиони дози вакцина од фармацевтската компанија „Фајзер“ и ќе ги дистрибуираат низ целиот свет во текот на следната година.

САД имаат повеќе од доволно вакцини откако повеќе од 177 милиони Американци примија барем една доза и побарувачката за вакцини почна да се намалува.

Белата куќа во понеделникот соопшти дека Соединетите држави „нема да ги користат своите вакцини за да обезбедат идни услуги на други земји“. Како што беше наредено, американските цели за програмата се да ја зголемат вакцинацијата на глобално ниво, да се подготват за ново можно зголемување на бројот на заразени лица и да им помогнат на „нашите соседи и на другите земји на кои им се потребни вакцини“, пренесува Гласот на Америка.

Зошто Македонија не е меѓу земјите кои ќе добијат вакцини од најавените 80 милиони засега нема објаснување од администрации на САД и Македонија.

Извор

https://www.glasamerike.net/a/sad-kovid-vakcine-plan/5937272.html