Зад бугарската „евроидентитетска агресија“ врз македонскиот народ стои намерата за уривање на темелите на македонската држава и за формирање втора бугарска држава на Балканот, на македонската територија. Заради тоа, „бугарските државотворни фантоми во Македонија“ треба да се внесат во Уставот. По секоја цена мора да бидат спречени уништувањето на Македонија и Македонците и „јуришот“ на оваа Влада во спроведувањето на најновото огромно национално предавство во име на „евроинтеграциите“.
Пишува: Свето Тоевски
Владата го „поздрави“ „францускиот предлог“ и тој ќе оди во Собранието. Наводно, бил примен „изменет“ предлог од Франција за надминување на бугарската блокада. Лично францускиот претседател Емануел Макрон од Мадрид порача дека е најден ‘компромис’. М’сје Макрон смета Македонците дека се малоумни, па оти ќе му веруваат на неговите лаги! Го’ното (читај: „предлогот“, „компромисот“, лагите) смрди уште од многу далеку, колку и да некој го завиткува во „француски целофан“. Смрдеата го оддава!
Во Македонија започнува насилното спроведување на „Договорот за „добрососедство“ со Бугарија, според сценарио реализирано и со Преспанскиот договор, што треба и овојпат да заврши со двотретинско менување на Уставот. ДУИ со сите сили и средства го „турка“ „францускиот предлог“, заобиколувајќи ги сите институции на македонската држава, особено Парламентот. Но, целата антимакедонска приказна со „светлиот европски хепиенд“, сепак, ќе мора да заврши во Парламентот со гласање за менување на Уставот, ако успеат во таквата намера.
Напоредно со ДУИ, дејствуваат и Макрон и Европската Унија. Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи кажа: „Нема веќе пречки за Македонија. Бугарија го прифати решението. Првата меѓувладина конференција на ЕУ со Македонија може да се одржи во наредните денови“. Кој ја прашува Македонија дали ќе каже „да“, или „не“! ЕУ не очекува каков било самосвоен македонски став, туку само послушно прифаќање на бугарските диктати. Парламентот на Бугарија веќе го одобри сопствениот, бугарски предлог за одблокирање на европреговорите на „с.Македонија“. Во него зборот „француски“ е се од „францускиот предлог“
Тој предлог ги содржи сите барања на оваа држава кон Македонија: за „заедничката историја“, „бугарските корени“ на македонскиот народ, идентитет и јазик… Во предлогот, сега надополнет и со протокол-наредба за негово спроведување, нема ниедна македонска „црвена линија“, никакво спротивставување на бугарските уцени и диктати. Бугарија оди кон целосен пораз и уништување на Македонија како држава и кон бришење на сите народносно-јазични белези на македонскиот народ.
Прифаќајќи ги бугарските барања, ДУИ ги „згази“ државно-националните интереси на Македонија и Македонците
Макрон го вложи во ова „покровителство“ својот политички авторитет, појавувајќи се како „европски спонзор“ на Бугарија, воден од својата цел да стане нов лидер на ЕУ. Во геостратегиските натпревари на Македонија и Македонците им е определена судбината да завршат како „колатерална“, „странична жртва“, ако не се спротивстават. Бугаризираниот предлог е составен со суштинска исклученост на Македонците од „преговарањата“: премиерот Ковачевски и неговиот заменик за евроинтеграции Маричиќ беа само „послушни статисти“ во контактите на министерот за надворешни работи Бујар Османи со Бугарите.
На 24 јуни дипломатскиот синдикат обвини дека „исто како и во случајот со Преспанскиот договор, раководното малцинство во МНР како ‘Преторијанска гарда’ го чуваше министерот од комуникација со дипломатите, претворајќи го неговиот кабинет во тврдина, за да донесува сам одлуки“: „Предлогот беше сокриен од дипломатијата и вооопшто не е искомунициран со никого, освен можеби со најтесниот круг на соработници на Османи.“ Тие „соработници“ на Османи се, главно, сопартијците од ДУИ. „Газејќи“ ги државните интереси на Македонија и интересите на македонскиот народ, ДУИ ги прифати сите барања на Бугарите.
Бугарско неофашистичко сценарио против Македонците со „француски парфем“ и во „ЕУ-целофан“
Владата на Македонија конечно призна дека веќе ја прифатила новата рамка за преговарање со ЕУ со сите бугарски барања. Со нив се оживотворува сценариото од Втората светска војна на фашистичка Бугарија за бугаризација на Македонија, кое не успеа. „Преговарачката рамка“ го содржи истото (нео)фашистичко сценарио за бришење на македонскиот национален идентитет и на македонизмот, овојпат со „француски парфем“ и завиткано во „ЕУ-целофан со панделка“.
Ковачевски тврдеше дека се бори за „нашите ‘црвени линии“: „чистата формулација на македонскиот јазик“ и „заштитата на македонскиот идентитет во преговарачката рамка“. Но, „заштита на македонскиот идентитет“ нема според ниедна основа во преговарачката рамка, ниту „чиста формулација на македонскиот јазик“. Напротив, на Ковачевски му беше подметната „чиста формулација“ на „македонскиот јазик број 2“! Кои две „верзии“ постојат на единствениот македонски јазик?!
Дали, како и со „преименувањето“ на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, која Бугарската православна црква „чисто ја формулираше“ како „Православна црква на Северна Македонија, набргу и „македонскиот јазик 2“ ќе стане „јазик на граѓаните на ‘с.Македонија“?! А „македонскиот јазик 1“ ќе се „официјализира“ како „дијалектна норма на бугарскиот јазик“?! Зад подмолната верзија „македонски јазик 2“ се крие намерата за елиминирање на македонскиот јазик како самостоен јазик, различен од бугарскиот, кој го говорат етнички засебните и слободно идентификациски самоопределените Македонци!
Се „чисти терен“ за „новите државотворни народи“ во Македонија – Македонците „помножени“ со нула!
Внесувањето на „бугарскиот државотворен народ во Македонија“ во Уставот ќе биде најважниот дел, кој ќе ја отвори вратата за уништувањето на АСНОМ-ската државотворност на македонскиот народ. Според последниот попис, 58 проценти од населението се изјасниле како припадници на македонскиот народ. Но, усвоената „методологија за обработка на пописните податоци“ не познава категорија „народ“, туку само „етничка заедница“. Тоа значи дека во Македонија живеат 58 отсто од „македонската етничка заедница“, со ист статус како Албанците, Ромите, Турците… Преку „статистичко-политички инженеринг“ Македонците се деградираат од народ во „етничка заедница“, за да „исчезнат“ како мнозински народ-носител на вистинската државност на Македонија!
На вака „расчистениот државотворен терен“ треба да стапне „новокомонираниот“ „бугарски државотворен народ во Македонија“, откако ќе се отвори Уставот, што е темелниот бугарски устав за кревање на бугарското вето кон “с.Македонија“! Но, и Али Ахмети и ДУИ го чекаат отворањето на Уставот! Во април годинава Ахмети кажа: „Албанците во Македонија се државотворен елемент, а не малцинство.“ Ако биде спроведена навестената промена во Уставот, „државотворни народи“ ќе бидат само „македонските Бугари“ и Албанците.
„Македонската етничка заедница“, „соголена“ од својата државотворност, по етничко-идентитетските обезличувања во конечната фаза на своето исчезнување како народ би се претворила во „аморфна маса“ без никакви самосвојни етнички белези, во „граѓани на ‘с.Македонија“, кои го говорат „јазикот на ‘с.Македонија“.
Не смее да се дозволи отворање на Уставот, заради зачувување на темелите на македонската држава!
Во текст, објавен во „Форин Полиси“, професорот од „Џон Хопкинс“ Универзитетот од САД Едвард Џозеф (Edward Joseph) предупреди дека „Софија може да ги поткопа темелите на македонската држава“. Но, „државотворниот уставно-политички инженеринг“ и овозможува на Софија сосема да ги разурне тие темели и самата македонска држава, а потоа да се постават темелите на втората бугарска држава на Балканот. „Уставниот инженеринг“ би бил основата и за можната „политичко-територијална автономија“ на „државотворниот албански народ“ во северозападниот дел на Македонија како трета албанска држава на Балканот. Ваквите „државотворни проекти“ целосно ги уриваат концептите на заедничкиот живот, или барем на мирното сопостоење во Македонија.
Поради ова, не смее да се дозволи никакво отворање на Уставот. Ниедна македонска партија, ниеден пратеник-Македонец не смее да биде дел од двотретинско мнозинство во Парламентот, заради изгласување на „бугарскиот државотворен народ“ ниту на „албанскиот државотворен народ“. Тоа ќе го означи почетокот на распадот на Македонија. Пресретнувањето и запирањето на ваквите сценарија за разбивање на унитарноста на македонската држава и за приграбувањето на деловите на нејзината територија може да се оствари единствено преку моментното поништување и на „Бугарскиот“ и на „Преспанскиот“ договор и со создавањето на Втората Илинденско-АСНОМ-ска Македонска Република со двоен карактер: како национална држава на македонскиот народ „проткаена“ и со оптимално висок квантитет и квалитет на „граѓански“ елементи на внатрешниот политички систем.
Обединетиот македонски политички блок, потпирајќи се на македонскиот народ и неговата интелигенција, треба моментно да ја отфрли бугарската преговарачка рамка, да спречи нејзино прифаќање и во Парламентот, потоа и целосно да ги прекине преговорите со Бугарија. Најпрв приоритет е и да се расформира „Историската комисија“ и да бидат „замрзнати“ преговорите за интегрирање со ЕУ на неодредено време. Веднаш потоа, најбргу, и да се укинат двата „добрососедски договора“, изворот на сите зла за Македонија и македонскиот народ.
Ставовите на Едвард Џозеф и ставањето на поранешниот евроамбасадор во Македонија Ерван Фуере во одбрана на македонскиот идентитет, заложбите САД и нејзините сојузници да се постават против хегемонистичките стремежи на Бугарија околу Македонија, многубројните написи во светскиот печат за бугарските „добрососедски намери“ кон Македонците, сето тоа се показатели дека се создава потребната меѓународна клима за почеток на офанзивната активност на македонскиот политички блок на меѓународен план за укинување на „добрососедските договори“, за одбрана на Македонија и македонизмот.





