На социјалните мрежи се споделува онлајн петиција против изградба на висококатници на парцелата спроти хотелот „Холидеј ин“ во централното градско подрачја на Скопје.
„Планот за оваа локација не предвидува зелен простор од 20 отсто во парцела согласно Законот за урбано зеленило, а несоодветно е решено и движењето на пешаците. Не се знае како ќе се обезбеди заштита на кејот на рекава Вардар односно отвореноста на реката кон просторот. Нејасно е како ќе се обезбеди движење на огромниот број возила по постојните сообраќајници. Се отвораат и прашањата како ќе се зачува јавниот простор и зеленилото? Дали за жителите во истата градска четврт ќе може се обезбедат пристојни услови за живот? Дали комуналните и други јавни сервиси ќе можат да ги издржат новите градби?….
Паркингот ќе стане еден од најгусто населените делови од светот. По одлуката на Уставниот суд за укинување на мораториумот во Центар и очекуваната уплата на комуналиите, практично останува уште добивањето градежна дозвола, по што ќе започне изградбата на висококатници спроти хотелот ‘Холидеј Ин’“, стои во петицијата.
Во петицијата стои дека проектот е предвидено да се реализира во три фази. Во првата фаза изградба на станбен објект со 20 ката и височина од 80 метри, на парцелата на МПЦ. Во втората фаза изградба на станбено-деловен објект со 22 ката и височина од 15 и 88 метри. Во третата фаза – изградба на трговски центар од затворен тип со височина од 15 метри и деловна зграда – кула со 16 ката и височина од 76,5 метри.
Без јавна дебата и спротивно на основните урбанистички правила за пристоен живот во Општина Центар тече постапката за изградба на висококатници на парцелата спроти „Холидеј Ин“. Направена е пресметка за износот на комуналии што фирмата-инвеститор „Обновители“ на бизнисменот Зоран Антиќ и МПЦ-ОА треба да им го плати на Општина Центар и на Град Скопје. Станува збор за околу 150 милиони денари (2,4 милиони евра). Од вкупната сума, 60 отсто или околу 1,4 милиони евра ќе легнат на сметката на Град Скопје, а останатите 40 отсто (1 милион евра) ќе завршат во касата на Центар.






