Тајванскиот министер за надворешни работи ги критикуваше обидите на Кина да се претстави себеси како миротворец во конфликтот во Украина, додека „се заканува со војна на самоуправниот остров“.
„НР Кина се заканува со војна против Тајван и другите, но сака да и предложи мировен план на Русија, која започна војна против Украина“, рече министерот за надворешни работи Џозеф Ву на Твитер профилот на тајванското Министерство за надворешни работи.
„Ние не сме идиоти. Сакате мир? И двајцата автократи треба веднаш да престанат со своите закани, агресија и експанзионизам“, додаде тој.
Официјаленб Тајпеј соопшти дека претседателката на Тајван, Цаи Инг-вен ќе ги посети Соединетите држави на пат кон и од Централна Америка, што би можело повторно да ги разгори тензиите на оската Кина-САД.
Тајванските претседатели рутински минуваат низ САД додека ги посетуваат дипломатските сојузници во Латинска Америка, Карибите и Пацификот. Иако овие посети немаат официјален статус, тие често се користат од двете страни за средби на високо ниво.
САД, како и повеќето земји, не одржуваат формални дипломатски односи со самоуправниот остров Тајван, но се најважниот меѓународен поддржувач и снабдувач на оружје на Тајпеј.






