Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, не беше во можност да даде конкретен рок кога Западниот Балкан може да очекува вакцини преку ЕУ или преку механизмот Ковакс, јави дописничката на МИА од Брисел.



На прашање на МИА дали може да каже јасно кога ќе пристигнат ветените вакцини во регионот, Урсула фон дер Лајен одговори дека тоа ќе се случи „најбрзо што може” и увери дека солидарноста со третите земји останува приоритет за ЕУ.

„ Очигледно е дека е комплицирано за Ковакс да набави вакцини, затоа воведуваме нова рута преку механизам на ЕУ за набавка на дози преку земјите членки на Унијата, кои потоа ќе можат да ги донираат на трети држави како земјите од Западниот Балкан на пример“, изјави Фон дер Лајен.