„Пења“ ми фати тастатурава од пишување и повторување, не дека муртинецот Зоран Заев, кој кога требало да учи историја, поважно му било да продава бостан и патлиџани, нешто ќе разбере, ама ајде, за да си олеснам на душава, пак да објаснам:
1. Историски непобитен факт е дека на 18. април 1941. е потпишан Договорот помеѓу Цар Борис и Адолф Хитлер за приклучување на Бугарија на нацистичко-фашистичката оска, Договор што ќе трае во најголемиот дел од Втората светска војна, односно до септември 1944. Оттука, не би требало да биде спорно и за бугарската историографија дека во минатото Бугарија била и фашистичка држава. Исто како што денес има потпишано договор со војниот пакт НАТО и никогаш не ќе може да негира дека била и членка на овој сојузот. Или, пред тоа, имала пристапено во членство во Варшавскиот договор. Аналогијата по форма со трите воени сојузи е сосема идентична и е дел од историското минато на државата.
2. Во случајот, придавката „фашистичка“, пред Бугарија, освен што би го објаснувала политичкото уредување на државата (Бугарскиот парламент имал изгласано Закон за заштита на нацијата, по углед на оној од нацистичка Германија – значи носел сегрегациски закони, но и го верификувал Договорот за сојуз со Нацистичка Германија), таа би била и јасен историски локатор за кој период од постоењето на Бугарија станува збор и нема да има никакви допирни точки кои кореспондираат со современа Република Бугарија, која, според Уставот, е парламентарна демократија.
3. Историски неукиот, но манипулаторски склон, Зоран Заев, кога тврди дека фашизмот не е врзан за нациите, туку со поединци, односно дека не може да има етничка припадност, прави подмолна замена на тези, бидејќи во случајов фашизмот не се однесува на етникум, туку тој си има прецизна државна идентификација и многу добро се знае за време на Втората светска војна во кои држави претставувал владејачко општествено уредување. Така што, придавката „бугарски“ во синтагмата „бугарски фашистички окупатор“, воопшто не се однесува на Бугарите како народ, туку на тогашната држава Бугарија. По истиот принцип како што Македонска телевизија, не значи дека е телевизија на Македонците како народ, туку на државата (Северна) Македонија. И тоа е факт кој не би требало никого во Бугарија да го навредува, како што во светската историографија без проблеми се употребува „фашистичка Италија“ или „нацистичка Германија“, и тоа не ги повредува чувствата на граѓаните на овие држави бидејќи знаат дека нивните држави во минатото биле, меѓу другото, и тоа.
4. Ако се прифати да се избрише „бугарскиот“, следно на ред за угодување ќе дојде да се брише „окупатор“ (бидејќи, според бугарската страна Бугарија не била окупатор, туку администратор), така што на крај ќе ни остане само оголено и безлично „фашистички“, без никаква јасна историска дескрипција. Со тек на време и тоа ќе исчезне така што и ќе се заборави дека во Македонија некогаш воопшто бил присутен фашизмот како странска окупаторска идеологија и војска.
Живееме во поствистина, постправда, постисторија…белки ќе дочекаме да доживееме и постзаевизам, за колку-толку да се вратиме во нормала. Зашто човеков е забеган и уште вчера требаше да му се одземе деловна способност.






