Не само во Охрид, туку низ цела Македонија нека „огрева македонското сонце на слободата“, а не „сонцето на цар Борис III“!

Пишува: Свето Тоевски



Денешното отворање на „културниот клуб“ „Цар Борис Трети“ во Охрид, заедно со уништувањата и сквернавењата на спомениците на македонските херои, а особено на Гоце Делчев, е директен доказ дека бугарската идентитетско-политичка агресија е префрлена и се шири на македонската територија. Сега и со директна помош на Европската Унија Бугарите се обидуваат повторно да се „вдомат“ како окупатори – „ослободители“ во Македонија, како што тоа го сторија и во Втората светска војна со помош на Адолф Хитлер!

Реакциите во Охрид се интензивирање на македонскиот отпор против бугаризацијата и повампирувањето на бугарскиот фашизам и во овој 21 век. Стремежот на Бугарија е врз плеќите на Македонија да си го „исчисти“ своето фашистичко минато од Втората светска војна како држава-членка на Хитлеровата коалиција. Дел од тој отпор мора да биде и и спречувањето на чиј било обид да се отвора Уставот и во него да се вметнат „државотворните Бугари“.

Оти, референдумите во Украина се предупредување дека и во Македонија би можел да се случи скорешен бугарски референдум за отцепување и на „бугарскиот дел“ од македонската територија, ако Бугарите би станале уставно признат „државотворен народ“ во „втората бугарска држава“. Таквиот уставен третман би значел дека би имале апсолутно право да станат и газди-стопани на „своето парче“ на Македонија. Бугарија повеќе од 100 години сонува да ја анектира, да ја приграби Македонија, ако би можело и целата.

„Македонското сонце на слободата“, за кое говореше Гоце Делчев, мора да „огрее“ не само во Охрид, туку отсега натаму низ цела Македонија! Патемно, го потсетувам претседателот на Македонската академија на науки уметности Љупчо Коцарев дека измина и септември, а се уште не започнало „Времето на промени’, кое ќе го предводат МАНУ и интелектуалците“, како што најави Коцарев во своја колумна од јули годинава!

Потребен е соодветен и отсега натаму непрестаен македонски колективен одговор кон официјалната бугарска политика, кон бугарската наука, кои имаат за цел да ги сотрат Македонците како народ и Македонија како држава. Оној момент кога Македонците ќе го „избришат“ „Бугарскиот добрососедски договор“, тогаш над Македонија ќе „огрее сонцето на слободата, кое нема да биде бугарско“. Но, предуслов за да „огрее“ тоа „македонско сонце“, а не „сонцето на Аспарух и Цар Борис Трети“ е во пакет час поскоро да ги „снема“ и „Преспанскиот договор“ – „братот близнак“ на „Бугарскиот договор“ и оваа антимакедонска Влада, која им нанесе толку многу неволји и зла на Македонците и на Македонија!

Има уште еден момент, која наложува соодветна реакција. Втората бугарска, намесничка Влада во Скопје, наметната против волјата на македонскиот народ, со цел на оваа територија да се создаде втората бугарска држава на Балканот, што нема да успее, не им даде МАКЕДОНСКИ ОДГОВОР на бугарските европратеници и еврошовинисти Александар Јорданов и Сергеј Станишев, кои побараа да се избрише од препораките дека се почитува македонскиот културен идентитет и оти се гарантира признавањето на македонскиот јазик.

Затоа, јас, како МАКЕДОНЕЦ, кој говори МАЈЧИН МАКЕДОНСКИ ЈАЗИК, им упатувам свој македонски одговор на Јорданов, Станишев и сите нивни истомисленици: вие, „чеда“ на Аспарух, на Авитохол, на Омуртаг и на сите оние мнозина Турко-татарски, Сармато-алански, Трако-бугарски, Прабугарски ханови, поданици на бугарските цареви Симеон Први, Михаил и на слугата на Хитлер Борис Трети, чиј „културен клуб“ се отвора денес во Охрид, вие кои се уште не сте расчистиле во својата историја и во својата национална свест кој ви е идентитетот и од кај ви е потеклото, вие, кои сте „разболени“’ од великобугарски хегемонизам, вие ли најдовте да бришете македонски идентитет и македонски јазик??!!

Обидите за оспорување цел еден народ, македонскиот, и на неговиот јазик, заедно со отворањето „културни клубови“ низ Македонија како агентури на бугарскиот неофашизам и великобугарскиот врховизам во служба на „конечно решавање на македонското прашање“, според методата на еврејскиот холокауст, се уште еден показател дека и навистина Бугарија повторно ја одбрала погрешната страна на историјата, но и оти „заглавила“ некаде во 19.век.

„Клубови“ и гарнизони на бугарската фашистичка окупаторска војска имало низ Македонија и во Втората светска војна – но до 1945 година беа уништени сите. Ќе ги „снема“ и овие сегашниве, ама ќе останат длабоки лузни во односите на двата народа…