Очекувано, рускиот претѕседател Владимир Путин денеска се обрати на Црваниот плоштад во Москва по повод прославата на 77-годишнината од победата над хитлерова Германија.



„Наша должност е да го чуваме споменот на оние поради кои сме победници и да не повториме глобална војна. Во претходните години се обидовме да ги одржиме мировните договори, но тие не сакаа да не слушаат. Тие имаа сосема друг план, сега го гледаме.

НАТО активно оди кон нашата територија, тое е апсолутно неприфатливо. НАТО работи со украинските нацисти, Украина го добива најмодерното оружје. Одлуката за специјална воена операција беше единствената правилна“, кажа Путин.

Путин зборуваше и за русофобија. Тој тврдеше дека на некои американски ветерани им е забрането да дојдат на Денот на победата, иако, како што вели, сакале да дојдат.

Тој вели дека населението во Донбас поддржано од Русија се бори за своите семејства.

Говорот беше прекинат со едноминутно молчење.

Путин им посака брзо закрепнување на сите ранети војници и му се заблагодари на медицинскиот персонал.

Спротивно на одредени очекувања, Путин не го спомена зборот „војна“ говорејќи за нападот на Русија врз Украина кој Русија и понатаму го нарекува „специјална воена операција“.

На Црвениот плоштад се одржува воена парада која почна во 9 часот по средноевропско време и на која учествуваат околу 11.000 војници.

За разлика од минатите години, на настанот нема да присуствува ниту еден странски претседател.