Актерката и активистка Ирена Ристиќ вчера објави шокантно видео од реката Вардар.
„Зошто е таков Вардар?!
Еве, гледајте!
Инспекцијата искочила на терен и наводно е од каналот (а каналот се наоѓа после
мостот близнаци, на потегот према Долно Лисиче. Информациите се дека директно
доаѓа од Макстил, поранешна Железара, вели мојот извор кој го направи видеово)
Чекаме резултати од инспекциската работа!!
Не ви тече Вардар у дневна па да си истурате шо сакате, гомна мегаломански ненаситни!!!
КАЗНА!!!“-пишува Ристиќ на Фејсбук.
По првичните проценки на инспекторите од Град Скопје, кои заедно со екипи на „Водовод и канализација“ излегле на терен, се дека загадувањето доаѓа од кругот на поранешна Железара.
На официјалната Фејсбук страница на Град Скопје, каде информираат за направениот вонреден инспекциски надзор, се наведува дека ќе следуваат вонредни инспекциски контроли во кругот на „Железара“, а одговорните субјекти ќе бидат соодветно санкционирани.
– Поради помор на риби по течението на реката Вардар во Аеродром, дежурните инспектори од Инспекторат на Град Скопје заедно со екипи на ЈП „Водовод и канализација“ веднаш излегоа на увид на терен. Од страна на екипите на ЈП „Водовод и канализација“ веќе се земени примероци од водата за испитување. Првичните индиции на градските инспектори се дека загадувањето на реката на овој потег е од кругот на поранешна „Железара“, пишува на Фејсбук страницата на Град Скопје.
Од компанијата „Макстил“ вечерва преку соопштение информираа дека по информациите за загадување на Вардар со отпадни води, нивни екипи задолжени за заштита на животната средина веднаш излегле на терен и земени се мостри од влезната и излезната точка на индустриската вода.
Истите се предадени на овластени надворешни лаборатории за испитување, меѓутоа првичните резултати покажуваат дека водата на влез и на излез од Макстил е бистра и без видливи примеси. Веднаш штом ќе ги добиеме резултатите од извршените мерења од акредитираните лаборатории, ќе ја информираме јавноста за истите, стои во соопштението од „Макстил“.





