Не е време Украина да биде примена во НАТО. Во една реченица, тоа е пораката која генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, ја испрати на завршната прес-конференција по НАТО-самитот во Вилнус, Литванија. Така се согласиле сојузниците, објасни норвешкиот политичар.
Последното новинарско прашање кое го одговори пред да ја напушти конференцијата бидејќи „лидерите морале да вечераат“, беше токму за условите што Украина треба да ги исполни за да добие покана за НАТО. Објасни дека постојат две димензии:
„Една е нивото или до каде се обидите да се модернизира одбраната и безбедносните структури, да се зајакне нивното управување, вклучувајќи ја борбата против корупцијата… Нам ни треба силна управа, а потребни ни се и вооружени сили кои се интероперабилни со НАТО…
кажа Столтенберг.
Другата димензија, објасни генсекот на НАТО, е фактот дека во Украина има војна.
„Сојузниците се согласуваат дека додека има војна, не е добро време за прием на Украина како полноправна членка на Алијансата“,
изјави Столтенберг.
Во превод, во НАТО нема расположение за прием на Украина која не би направила длабоки реформи во системот на цивилна контрола над војската и тајните служби, реформи на вооружените сили согласно стандардите на НАТО и реформи во системот за борба против корупцијата. А дури и да се исполнети тие услови, НАТО не би примил држава во момент додека таа е во војна бидејќи напад на една членка на НАТО значи напад на целиот блок. Тоа, во дадените околности, би подразбирало директен судир НАТО – Русија.

Колку и да звучат нереални овие услови, имајќи го предвид фактот дека Украина е во војна со помоќната Русија, тие и досега беа принцип на НАТО. При секој прием на нова членка, овие услови мора да се исполнети до онаа мера која ќе го обезбеди неопходниот консензус на актуелните земји членки.
Во случајот со Украина, додаде Столтенберг, Алијансата нуди значителна помош за да се постигнат условите. „Испраќаме силна, единствена и позитивна порака за Украина… како и позитивен патоказ кон членство“, изјави генсекот на НАТО.





