Не е само Косово услов за Србија во ЕУ, вели Хан

Решението во врска со Косово не е единствениот предуслов за патот на Србија кон ЕУ, изјави за „Новости“ комесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан.



Имплементацијата на реформите во областа на владеењето на правото, фундаменталните права и доброто владеење останува во сржта на процесот на проширување, додаде еврокомесарот.

Запрашан кои се шансите на Србија да стане членка на Унијата до 2025 година, Хан одговори дека претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во неколку наврати јасно стави до знаење дека ниедна нова земја-членка не може да влезе во ЕУ без решавање на отворените билатерални прашања.

„За Србија тоа значи дека е неопходно да се заклучи и трајно да се спроведе правно обврзувачки договор со Приштина“.

Хан не одговори на прашањето кога се очекува конечниот договор меѓу Белград и Приштина, ниту на прашањето околу промена на границите, велејќи дека ЕУ не шпекулира.