Пишува: Свето Тоевски
Оној момент кога ќе се отвори Уставот тогаш Македонците ќе ја изгубат својата единствена држава, за која стотици илјади Македонци беа убиени и се саможртвуваа низ многуте народни буни и востанија. Решавањето на „Македонското прашање“ на Балканот влегува во својата завршна фаза. Со предвиденото отворање на Уставот би започнала таа завршна фаза: унитарната македонска држава да се растури за релативно кратко време на две државни нови државни единици: албанска и пробугарска. Затоа не смее да се дозволи промена на Уставот на македонската држава.
Во уставите на Албанија и Бугарите се впишани само албанскиот и бугарскиот народ, никој друг, ниту како малцинство
Албанците настапуваат со своја етничка и државотворна агенда, исто како и Бугарите. Смешно е тврдењето дека некој се чувствува навреден, бидејќи се нарекува како „20 проценти“. Еве како гласи преамбулата на Уставот на Албанија: „Ние, народот на Албанија, горди и свесни за нашата историја, со одговорност за иднината…за гарантирање на основните човекови права и слободи, со духот на толеранцијата и верскиот соживот, со посветеноста на заштитата на човековото достоинство и личност, како и за просперитетот на целиот народ…со вековниот стремеж на албанскиот народ за национален идентитет и обединување…“
Во ова преамбула нема ни 1 процент споменување ни Македонци, ни кое било друго малцинство, а камоли туѓ државотворен народ, има споменување само „албански народ“ и негов национален идентитет. Зошто Албанците му го оспоруваат правото на македонскиот народ истото тоа да стои за него и во Уставот на Македонија?
Исто така, и во преамбулата на Уставот на Бугарија се споменува само бугарскиот народ: „Ние, народните претставници од Седмото големо народно собрание, со стремеж да ја изразиме волјата на бугарскиот народ … свесни за нашата неотповиклива должност да го заштитиме националното и државното единство на Бугарија…“
Албанците и Бугарите во преамбулите на Уставите на своите национални држави си се впишале само себеси како државотворни народи, со свои национални идентитети, кои си го штитат своето национално и државно единство. Во тие нивни устави нема ни „м“ од Македонци, иако и вакво национално малцинство живее во нивните национални држави. Кој им дал право на Албанците и Бугарите да се обидуваат да му пишуваат Устав на македонскиот народ според нивните државотворни потреби? Кој им дал право да му го оспоруваат правото на македонскиот народ и тој да има своја национална држава и да ги штити својот македонски идентитет и своето национално и државно единство? Тие обиди се „невозможна мисија“.
Сега во Македонија истапува Албанското национално ослободително движење, не постојат партии кога се работи за албанската кауза
Албанскиот политички чинител не бара да се внесе албанскиот јазик како таков во Уставот, туку да се внесе албанскиот државотворен народ, кој истиот момент ќе си го активира правото на самоопределување и отцепување. САД, Европската Унија, Германија, Франција, Англија, сиот „Колективен Запад“ и државите, кои се во оваа групација на држави, ќе им го признае уште веднаш тоа право на Албанците од Македонија. Во Македонија не истапуваат во овој момент Алијансата за Албанците, Беса, Алтернатива и ДУИ, кога станува збор за албанската национална кауза, всушност, не постојат албански партии. Сите тие се само делови на обединетото Албанско национално ослободително движење на рамниште на Балканот.
На 26 февруари годинава единствениот Албанец-пратеник во Српскиот парламент Шаип Камбери и Рагми Мустафа, претседателот на Албанскиот национален совет во Србија и претседател на општина Прешево, ја предводеа делегацијата на политичките претставници на Албанците од Прешевската долина од југот на Србија, односно од општините Прешево, Бујановац и Медвеѓа. Таа делегација престојуваше во Вашингтон во американскиот Сенат. Целта на разговорите беше да се побара помош за „остварување на нивните легитимни права“. Тие права се насочени кон примена на „резултатите од референдумот за политичко-територијална автономија на Албанците во Прешевската Долина“, односно за отцепување и на овој дел од Србија и негово припојување кон Косово.
Албанците од Прешевската долина настапуваат со директна поддршка и помош од Косово. Косово е на пат да стане и официјално втората албанска држава на Балканот, откако претседателот на Србија Александар Вучиќ усно го прифати „француско-германскиот Договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија“. За САД и ЕУ тоа е и официјално признавање на косовската независност.
Активностите на Албанското национално ослободително движење во овој момент се особено сконцентрирани кон Македонија и нејзиниот Устав. Албанскиот политички чинител настапува обединет и во директна заемна координација на регионално рамниште во процесот на растурањето на Македонија. Такви беа договарањата со „Тиранската платформа“ од 2016 година, такви беа договарањата и со „Тиранската платформа 2“ од јануари 2023 година. Сега се пристапува конечно и во целост да се реализира договореното, откако е даден сигнал за тоа од највисоките политички рамништа на САД и ЕУ.
Потсекретарот во американското Министерство за надворешни работи – Стејт Департментот Дерек Шоле, кој реализира „специјални дипломатски задачи“ доверени од самиот државен секретар Ентони Блинкен, можеби ќе нема потреба да доаѓа и тој во Македонија да притиска на потребата да се променува Уставот заради отворање на преговорите со ЕУ“. Деновиве тој на сопствено барање му се јавил на „македонскиот премиер“ Ковачевски и му наложил, што имало да се наложи….
Планот е во Уставот на Македонија да се внесе „албанската државотворна нација, која живее на своите автохтони етнички територии“
Стремејќи се кон својата „државотворна агенда“, Албанците се откажуваат од „Охридскиот договор“! Со барањето да се отстранат „20-те проценти“ за албанскиот јазик се прикрива главната цел: да се издејствува уставен статус за Албанците во Македонија „како државотворна нација која живее во своите автохтони етнички територии“. Ова е клучната одредба од „Тиранската платформа 1 и 2“. Барајќи да се отстранат процентите во Уставот, кои се однесуваат на нивните национални права, како клучна одредба од „Охридскиот рамковен договор“, Албанците го уриваат тој „мировен договор“ од 2001 година. Тие се откажуваат од него. „Охридскиот договор“ нема да им биде повеќе потребен кога би ја конституирале својата државолика политичко-територијална автономија во западниот дел од територијата на Македонија.
Ситуацијата во Македонија од катастрофална станува апокалиптична: целиот буџет на државата е ставен во функција на „албанското прашање“. Дури 2 милијарди евра ќе се трошат за патните коридори, заради директно инфраструктурно-сообраќајно поврзување на „албанските држави“. Населението е клекнато на колена и нема пари за основен и најскромен живот, а највисоките државни функционери си ги зголемија платите за налудничави 78 проценти. Државата е целосно испокрадена и е се поблиску до конечен банкрот. Здравството е во распад. Во училиштата и во факултетите на Македонците им се сервира „образование“ за некоја „северна држава“, заради менување на националната свест и за гаснење на македонската колективна меморија.
Кај и да се загледа, во кое било ќоше на оваа божемна држава, ќе се види дека е се урнисано и пеплосано, оти нема ниту институции ниту систем, што ќе функционираат во интерес на секој граѓанин, било за Македонците, било за кој друг друг. Во ваква ситуација е најважно менувањето на Уставот! Во ваква ситуација доаѓаат Урсула Лаен, Жозеп Борел, Оливер Вархеи, целата ЕУ да притискаат за промена на Уставот, во полза на Бугарите и Албанците.
Сега се игра „политичко-територијален покер“ за Македонија како главен влог, ама наместо „асови“ се користат трикови и блефови!
Во овој „политичко-територијален покер“, кој се игра со Македонија како главен влог на масата, „комарџиите“ забораваат дека немаат „асови“ во своите карти. Тие користат блефови и трикови! Албанците доживуваат национална и демографска катастрофа, исто како и Македонците, бидејќи и „нивните“ „албански села“ и „албански општини“ се празнат со молневита брзина: секој настојува да избега на Запад, да најде работа и пари за живот, кај што нема да му бараат партиска книшка како член на ДУИ, или на некоја друга албанска партија, или на СДСМ.
Според најновите сондажи на јавното мислење, дури 83 проценти од Албанците во Албанија сакаат да ја напуштат својата држава! Ова се покажа со најновото истражување на „Балканскиот барометар“. Се празни и Косово од Албанците. Како што напиша еден универзитетски професор-Албанец во своја колумна, „Албанците бегаат од Македонија и не се ни вртат назад!“ Пред некоја година еден „деец за албанската кауза“ напиша на фејсбук: „Со кого ќе ја правиме Велика Албанија, кога ни избегаа младите?!“
Не можат да се изостават можните политичко-безбедносни последици, ако Албанците и Бугарите започнат „етнички да ја реорганизираат“ Македонија. Јануш Бугајски неодамна предупреди: „Веќе е запалено балканското буре со барут…“ Најголемото мнозинство од македонскиот народ се сплотени против промените на Уставот и може само да се претпостави каква ќе биде неговата реакција, ако некој навистина тргне во акција да ја цепи државата Македонија…
Луѓето се огорчени од сиромаштијата и секојдневните умирачки, од понижувањата на македонската нација и од бугарските ултиматуми и закани, од доаѓањата на странците, кои наредуваат да и се менува Уставот на Македонија и каква да биде таа како држава… Веќе започнуваат протести на административците, железничарите, на средношколците… Во ваква ситуација е спротивно на разумот каков било и чиј било обид во Уставот да „турка“ своја државотворна агенда. Потребни се мир, разум, свест, услови за живот, а не да се претворат и Балканот и Македонија во нова Украина, според потребите на „колективниот Запад“…





