Извор од украинската безбедносна служба изјави за Би-Би-Си дека нападот бил „специјална операција на поморските сили на Украина и на украинската служба за безбедност“.



„Мостот беше нападнат со дронови. Беше тешко да се стигне до него, но на крајот успеавме“, рекол изворот.

Андриј Јусов, портпарол на воената разузнавачка служба на Украина, одби да ги коментира експлозиите на мостот на Крим утринава.

„Можам само да го цитирам директорот на воената разузнавачка служба Кирил Буданов, кој рече дека мостот на Крим е непотребна градба“, рече Јусов.

Киев пост објави ново видео од мостот на Крим по синоќешните експлозии. Видеото покажува значителна штета.

Шефот на кримскиот парламент, Владимир Констатинов, кој на таа функција беше поставен од Москва, „вонредната ситуација“ на мостот на Крим ја нарече „терористички напад на режимот на Киев“, пренесува руската режимска новинска агенција РИА.

Мостот на Крим, клучна линија за снабдување на руските сили во Украина, е оштетен во „вонредна“ ситуација во која загинаа две лица, а едно дете беше повредено, соопштија утрово руските власти.

Сообраќајот беше прекинат по мостот што Русија го изгради за да ја поврзе нејзината територија со полуостровот Крим, кој Москва го зазеде во 2014 година.

Патниот и железничкиот мост долг 19 километри се клучен инфраструктурен проект на рускиот претседател Владимир Путин, кој во 2022 година со мерцедес го возеше мостот, откако беше поправен по експлозијата.ж