Еден од најсветлите ликови на македонската револуционерна борба Питу Гули на херојски начин го даде својот живот за Македонија на денешен ден пред 117 години.
Одбивајќи да се повлече од родното Крушево пред ултиматумот на Бахтијар Паша, војводата со своите 240 комити, решил до последната капка крв да ја бранат првата република на Балканот.
Опколена од три страни од над двеилјадниот турски аскер, четата на Питу на месноста Мечкин Камен над Крушево влегла во нерамен бој на 12 август 1903 година, кој траел од 10 до 19 часот истиот ден. Во него ќе загине и Гули, а само петмина од неговите соборци ќе ја преживеат битката.
Членот на Македонската револуционерна организација ќе ги остави зад себе сопругата, која една година подоцна ќе почине од туберкулоза, како и четирите деца, три сина и ќерка, кои по смртта на мајка им ќе бидат вдомени во сиропиталиштето во Битола.
Омилениот лик кај народот е овековечен во стихот од македонската државна химна, покрај великаните Гоце Делчев, Даме Груев и Јане Сандански.
За каков бунтовен карактер станува збор покажува сцената од играниот филм „Републиката во пламен“, во која Питу Гули се расправа со претседателот на Крушевската Република, Никола Карев, одбивајќи ја неговата наредба за повлекување од градот:






