Навредени што ги поврзуваат со богатството на Пуцко Петрол, Скопското обвинителство ја замрзнува соработката со Антикорупциската комисија

Обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро не направиле пропуст додека како обвинители на СЈО постапувале по предметот ,,Труст”, информираа денеска од Обвинителството.



Оттаму денеска ја обвинија Антикорупциска дека постапила неодговорно, откако вчера имаа свое излагање за неуспешната конфискација врз имотот на Сеад Кочан.

Според ДКСК и тие се виновни што во текот на постапката против Кочан во случајот ,,Труст” пратеникот на ДУИ Исмаил Јаоски дошол до заработка од 4,5 милиони евра а државата има штета од 12 милиони евра

,,Оттука, со јавната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата веќе е нанесена непотребна штета и на Јавното обвинителство како институција и на јавните обвинители кои постапувале во предметот”, велат од Обвинителството, поради што информираа и дека ја замрзнуваат соработката со Државната комисијата за спречување на корупција.

Обвинителите Бубевски и Ајро тврдат дека немале вина за неуспешната конфискација на имотот на Кочан кој дошол до владение на Пуцко Петрол односно Исмаил Јаоски.

Обвинителството ја истражуваше нивната работа откако минатата година државниот правобранител Фехми Стафа поднесе кривична пријава против нив, за случајот “Труст”, односно за конфискацијата на имотот на бизнисменот Сеад Кочан.

,,Како еден аспект од целиот предмет, нагласуваме дека надлежниот јавен обвинител, согласно сите обезбедени докази и направени проверки, веќе согледа дека во јавнообвинителското постапување во предметот „Труст“ не е направен никаков пропуст”, велат од Обвинителството.