Навредени и разочарани: Пендаровски и Заев го бојкотираа „доктор“ Ахмети

Свеченоста за почесниот докторат на лидерот на ДУИ Али Ахмети мина само со припадници на владата од редовите на оваа партија, со спикерот на Собранието Талат Џафери, претставници на албански организации и асоцијации, еден член на МАНУ, амбасадорот на Косово во Скопје, претставници на ИВЗ, и стотина други гости.



Но меѓу нив не беа шефот на државата и премиерот, немаше ниту еден член на кабинетот на претседателот Пендаровски, на кабинетот на Заев, од СДСМ или други партии од владината коалиција.

Според извори во ДУИ покани биле испратени до претседателот Пендаровски, премиерот Заев, министри, други високи владини претставници и фактори во администрацијата.

Само мал дел од поканетите се одзвале на поканата, речиси сите членови на ДУИ и Албанци.

Во ДУИ се изненадени и поради фактот што на свеченоста во Тетовскиот универзитет кој е дел од системот на македонското високо образование не се појавила ниту министерката за образование Мила Царовска ниту пак испратила свој претставник.