„Прославата беше во организација на Владата, и ми беше кажано дека ќе има два настана. За првиот официјален дел, свечената академија, на кој присуствуваше и премиерот Зоран Заев, бев во координација со портпаролот на Владата, Мухамед Хоџа.
За вториот настан, координатор беше Артан Груби и тој ми кажа дека ќе има само проекција на документарен филм за 30 години постоење на Шверцери“, вели директорката на МНТ Симона Угриновска за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Искинат тапацир на столчињата и откорнати орнаменти од ѕидовите на МНТ е штетата по присуството на навивачката група Шверцери на Фудбалскиот клуб Шкупи, на петочната прослава на 22 Ноември – Денот на албанската азбука.
„Срце ме боли за театарот. Зар мислите дека јас, која имам вратено долг на театарот од 120 илјади евра, ќе дозволам влез на навивачки групи и вакво однесување“, вели директорката Угриновска за САКАМДАКАЖАМ.




