Претседателот на САД, Џо Бајден, во своето обраќање до американските војници во Полска остави недоумица околу ставот на неговата земја дека нема да испраќа трупи во Украина.
„Ќе видите кога ќе бидете таму… некои од вас биле таму. Ќе видите жени, млади луѓе како стојат на средина, пред проклетиот тенк како велат: ‘Не си одам, останувам на мојата земја. Неверојатно!“, им рече Бајден на членовите на 82. Воздушно-десантна дивизија на американската армија стационирана во Полска.
Изјавата на Бајден предизвика загриженост дека САД можеби се подготвуваат да интервенираат во Украина, но портпаролот на Белата куќа набргу го демантира тоа, нагласувајќи дека „претседателот беше јасен оти не испраќаме американски војници во Украина и нема промена во таа позиција“.
Бајден досега упорно повторуваше дека американските трупи нема да интервенираат во Украина и ја отфрли можноста за воспоставување „зона за забранети летови“ над земјата, наметната од НАТО. Тоа, според него, би ги одвеле САД и нивните сојузници кон воздушна војна против Русија, што би довело до „трета светска војна“.
Во моментов во Европа има околу 100.000 американски војници, најмногу од 2005 година.






