Дваесет и еден независен кандидат за градоначалник во 18 општини и кандидати за независни членови во 42 советнички листи за совети во триесеттина единици на локална самоуправа во Македонија ги собраа досега потребните потписи.
До крајниот рок, 30 август, продолжува собирањето потребни потписи за уште 15 независни кандидати за градоначалници и за 26 независни советнички листи во поголем број градови и селски општини.
Ана Петровска, поранешната директорка на Државниот инспекторат за животна средина ќе се натреварува како независен кандидат за најатрактивната градоначалничка фотелја во Македонија заедно со се уште актуелната претседателка на Сојузот на стопански комори на Македонија Данела Арсовска, исто така како независен кандидат, но и со поддршка на ВМРО ДПМНЕ, АА и Алтернатива.
Некогашниот пратеник од НСДП Љубомир Јосифовски се уште не ги има собрано потребните потписи, за да може да се вклучи во борбата за позицијата градоначалник на Скопје.
Рекорд ќе биде битката кој да стане претседател на општината Чучер Сандево: таму се тројца независни претенденти за таа функција – Горан Рајчевски, Горан Чекаловиќ, и Јован Пејовски. Ако успее да ги обезбеди потребните потписи, на овие тројца ќе им се придружи и Влатко Смоковски. Македонска Каменица досега има „само“ двајца независни кандидати која да ја води оваа општина: Перо Митревски и Миран Митревски. Ако до крајниот рок потписи обезбеди и Дејан Велиновски, тогаш ќе ги има тројца независни, кои ќе им ги нарушуваат плановите на политичките партии и на нивните кандидати, за да се добие довербата на бирачкото тело.
Постојниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски се уште се обидува да ги обезбеди потребните потписи, за да се кандидира за втор мандат овојпат како независен, надвор од „прегратките“ на својата партија СДСМ.
Актуелниот претседател на општина Брвеница Енвер Пајазити од ДУИ на локалните избори ќе оди и на четврти мандат, но овојпат како независен кандидат. Во албанскиот кампус „локално – изборните математики“ на ДУИ ќе се обиде да и ги растури и Фатмир Лимани, внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
Лимани влезе во трката на локалните избори за градоначалник на Општина Кичево како независен кандидат, спроттивставувајќи му се на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари од редовите на „интегративците“, кој пак ќе бара поддршка за оваа позиција.
Во поголемите градови независни кандидати за градоначалници се: Сенат Усеиновски во Охрид, Жарко Стеваноски во Прилеп, Горан Поцев во Радовиш, Слободан Даневски во Свети Николе, Зоран Лазаровски-Паљо во Битола и Глигор Петков во Гевгелија.
Со собирање потписи продолжуваат независните кандидати за градоначалници: Насто Палиоски во Струга, Васко Костов во Карпош, Мартин Кировски во Кочани, Зоран Чиплаковски во Берово, Ристо Џаков во Богданци и Александар Ѓорѓиевски во Пехчево.
Досега рекордот меѓу независните советнички листи го држи Охрид со 4 такви листи, а во Кавадарци и Чучер Сандево има по три такви листи.
Досега има една независна советничка листа за членови на Советот на Градот Скопје и по една листа за општина Центар и општина Карпош. Со оглед дека собирањето потписи продолжува до крајниот рок и за кандидатите во советничките лусти, можно е и овие бројки да е надминат.
Анализирајќи ја оваа навалица на независни кандидати за градоначалници и членови на општинските совети во Македонија, се наметнува прашањето: се работи за голема „љубов“ кон граѓаните, мерак за фотелја – или и нешто друго?
Од независноста на Македонија досега многу научно – истражувачки студии и анкети на јавното мислење покажаа дека во повеќе мандати градоначалниците во голем број општини на незадоволителен начин ја вршеле својата функција: „бркале“ бизниси на партијата, која ги кандидирала, но си ги гледале повеќе и своите приватни интереси, а оние на граѓаните многу помалку. Висока корупција, нерационално трошење на парите од општинските буџети и создавање милионски загуби и долгови изразено во евра, потоа давање мегаломански предизборни ветувања на граѓаните, кои потоа останале измамени дека ќе добијат нов водовод, атмосферска или фекална канализација, нови патишта или други видови инфраструктурни објекти, неспособност да се изготват добри проекти заради добивање пари од европските фондови за важни објекти – ова е само дел од широката слика за неспособноста на многу личности, кои во изминатите мандати ја извршувале функцијата градоначалник, односно претседател на општина.
Слично нешто може да се каже и за (не)функционирањето на советите на општините. Секако дека постојат и исклучоци – способни луѓе, кои добро и одговорно си ги вршеле своите улоги како челни луѓе на одделни единици на локална самоуправа, но таквите ги имало и ги има значително помалку отколку првите, за кои говоревме.
Сега е време да се обидеме на прашањето, содржано и во насловот на оваа анализа: кои се можните причини, што има толкав број независни кандидати за претстојните локални избори? Најпрвиот и најсигурен одговор е дека толку големата бројка на независни кандидати е одраз на големото незадоволство кај месното население во повеќе градови и селски општини во поглед на начинот како се остравуваат функциите на локалната самоуправа. Оти општините не се сервиси на потребите на граѓаните. Второ, сметаме дека не станува збор за некаква нагло зголемена „љубов“ кон граѓаните кај оние што се кандираат за градоначалници и за членови на општинските совети, покрај „пулените“ на политичките партии, туку може да се претпостави дека извесен број поединци си се кандидирале, оти имаат мерак кон градоначалничката фотелја и кон она што се крие зад неа: власт, привилегии, моќ, пари…
Следната констатација ќе ја искажеме во вид на прашање: дали не е неможно зад некои „независни“ кандидатури, всушност, да се наоѓа прикриена математика и комбинаторика на одделни партии да им одземат дел од гласовите на ривалските партии и на нивните кандидати за овие локални избори? Во овој контекст неутрално, без никаков свој став, само ќе цитираме изјава за ТВ Алсат, која ја имаше дадено Фатмир Лимани, независниот кандидат за градоначалник на Кичево, во поглед на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари и партијата на која и припаѓа – ДУИ: „Ќе се кандидирам како независен од многу причини. Актуелниот градоначалник од 2002 година е претседател на партискиот огранок на ДУИ, беше заменик-министер, па директор на пошта. Вршеше и други раководни функции. Потоа стана градоначалник на Осломеј, па градоначалник на Кичево.
Како единствен успех во целиот период може да му се смета поплочувањето на улици со бекатон-плочки, но и тоа мора да се провери бидејќи цена по која се набавени и целата зделка се сомнителни. Локалните власти во Кичево се виновни за очајната ситуација, во која се наоѓа градот.“
Деновиве кога граѓанската група „Охрид пред се“ ја поднесе својата независна советничка листа за членови на советот на овој езерски град, нејзиниот претставник Леона Кичеец, кандидат за советник, кажа: „Во изминативе неколку месеци заедно со голем број Охриѓани ги дефинираме нашите основни програмски определби. Општиот интерес да биде секогаш пред личниот и партискиот, квалитетно управување со човечкиот потенцијал, рационално и транспарентно управување со општинскиот буџет, поголема посветеност и стручност при аплицирање за финансирање од европските фондови, поефикасна соработка со бизнис – заедницата, подобра инфраструктура, поквалитетно и деполитизирано образование…“
Граѓаните, месното население, како бирачи ќе кажат на локалните избори што мислат за независните кандидати, тие најдиректно и најдобро ќе ги оценат нивните мотиви за кандидирање. Бирачите ќе се произнесат секако и за кандидатите за градоначалници и општински советници од политичките партии. Ние ќе заклучиме дека се потребни сериозни промени во начинот н функционирање на македонските единици на локална самоуправа, но и во самата нивна позиционираниост во политичкиот систем.
Ирене Кузигу, професор на Школата за право на Универзитетот во Абердин, во Шкотска, во својата научна статија под наслов „Територијалната децентрализација во Франција: кон самостојност и демократија“, објавена во научната монографија под наслов „Локалната управа во Европа – ‘Четврто рамниште’ во повеќеслојниот систем на владеење во ЕУ“ во 2013 година, говори дека една оптимално децентрализирана единица на локална општина може да опстојува и да функционира ефикасно и во унитарна држава каква што е Франција – една од водечките европски држави, ако се раководи доминантно од интересите и потребите на оние што гласаат и што живерат во таа единица на локална самоуправа.
Но, Кузигу укажува и како француската држава реагира, ако општините во Франција, односно нивните градоначалници и совети не дејствуваат согласно со барањата на локалното население: „Претставникот на државата може да извршува овластувања на јавниот ред во врска со управувањето со средствата во оној оддел на општината каде што претседателот на генералниот совет не успеал да преземе мерки по доставувањето на формална, службено известување (какви мерки да се преземат заради остранување на неправилното раководење со средствата, финансиски или и други средства во општината – заб.моја). Освен што има овластувања за преиспитување на мерките (политиките – заб.моја) усвоени од општините, државата исто така има моќ и за преиспитување на мандатот на децентрализираните локални власти.“
Професорката Кузигу во својиот научен труд дополнува: „Градоначалникот и општинските совети можат да бидат распуштени. Општинските совети можат да бидат распуштени ако се покаже и ако се докаже дека е веќе неможно тие да функционираат во нормални услови. Градоначалникот или заменикот – градоначалник можат да бидат суспендирани со наредба на министерот за внатрешни работи, или остранети од службата со уредба на Советот на Министри (Владата на државата – заб.моја), поради неисполнувања на функциите, кои ги вршат во име на општината или на државата.“
Вилхелм Персон, професор по уставно и административно право на Универзитетот во Лунд, во својата научна статија под наслов „Локалната управа во Шведска: флексибилност и независност во унитарната држава“, објавена во истата монографија, истакнува дека дека градоначалниците на општините треба да дејствуваат како менаџери на локалната администрација, но и како органициски лидери и политички претприемачи, кои треба да ги одразуваат во општинските политики и одлуки интересите на оние што гласале за нив: „Локалните политички лидери се избрани од локалното население со мандат да ги претставуваат интересите на луѓето во советот. Градоначалникот треба да обезбеди потребите и мислењата на луѓето да бидат одразени во спроведувањето на политиките (општински – заб.моја)“: „Општините можат да преземаат активности, кои не се вршат заради поддршка на поодделни приватни лица, односно активноста на општината мора да биде во интерес на сите членови на заедницата (сите жители на општината – заб.моја) и да не им служи на приватните интереси на пооделни поединци.“
Персон заклучува дека и во една унитарна држава можат општините да развиваат свои релативно независни активности, да ги реализираат своите надлежности, но почитувајќи ја унитарноста на државата: „Шведска е унитарна држава. И покрај ова, општините уживаат значителна независност. Општините се само ‘посебни’, но не и ‘независни субјекти на правото’. Духот на соработка на ЕУ има позитивно влијание и врз шведските општини. Сега постојат голем број европски контакти и проекти за соработка.“
Сметаме дека во однос на единиците на локална самоуправа во Македонија по овие локални избори би требало да се пристапи кон подготовки за потемелни реформи во самиот концепт на локалната самоуправа, и тоа според искуствата на Франција и Шведска: да се запази процесот на децентрализација и самостојноста на општините, но на начин што ќе се запази и ќе се зајакне унитарноста на Македонија како единствена држава. Исто така, да се подобри системот на финансирање на општините, но не со давачки врз грбот на локалното население, кое мака мачи со урнисаниот животен стандард, туку со поттикнување на самофинансирањето и со финансирање од рационализираниот државен буџет. Од голема важност е да се „изостри“ правната рамка, во која ќе дејствуваат натаму градоначалниците и општинските совети, во смисла и државата и самите граѓани да имаат поолеснето право да бараат нивна одговорност и да имаат можност да ги разрешат, ако не работат правилно. Градоначалниците се единствено локални политички лидери и менаџери на локалната администрација, но не можат да бидат „политички“ комесари во името на интересите на која било политичка партија, ниту „етнички комесари“ во името на кој било етникум.
Навалица на независни: „Љубов“ кон граѓаните или за фотелја – пишува Свето Тоевски
Пишува Свето Тоевски






