Наумов: „Ќе држеше вода“ изјавата на премиерот дека не е портпарол на Џафери ако…

„Изјавата на премиерот Ковачевски (дека не е портпарол на претседателот на Собранието и дека проблемот кој е наводно од внатрешна природа, требало тие таму во Собранието да си го решат) би ми се допаднала, и тоа баш онака, што се вели – професорите на универзитетите би ја покажувале како школски пример за вежба на студентите, ама само под еден услов“ реагира политологот Панче Наумов.



„Само доколку Македонија беше вистинска парламентарна демократија, со класична троделна поделба на власта (законодавна – извршна – судска).

Но, бидејќи Македонија тоа не е, и не само што не е, туку нема намера ниту да биде, во тој случај неговата изјава не може да се земе сериозно.

Во држава во која владее бескрупулозна сурова партократија, во која е инсталиран на неодредено време институтот КООРДИНАЦИЈА (замислете координација на шефовите на партиите која се свикува секогаш кога ќе загусти во државата во врска со некој проблем).

Шефовите на партиите се состануваат (најчесто тоа го прават во Клубот на пратениците – замислете која иронија), се сликаат за медиумите, па после шу…шу… и излегуваат со соопштение. Као проблемот е решен.

Никој не знае како, на кој начин и, што е најважно, по која цена (бидејќи таму на таа координација владеат нерегуларни односи) – колку ќе плати државата, а колку нејзините граѓани“, пишува Наумов.