Не успеав до крај да го разберам грчкиот министер за надворешни работи, Никос Дендиас. Имено, дали и во дневната соба задолжително треба да изговараме РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА?
21- ви век сме, 2021 година е.
Поминаа двесто триесет и години од Француската револуција врз чии возвишени принципи се подига и гради модерна Европа, се потпира целата западна цивилизација.
Поминаа 157 години од Прогласот за еманципација со кој Абрахам Линколн го укина ропството во САД.
Поминаа 72 години од Универзалната декларација за правата на човекот на Обединетите нации.
Поминаа да, но како за кого. За нас Македонците времето стои.
Само ние немаме право да го изговараме името на својата држава така како што мислиме дека треба. Дури и во апсолутно безначаен контекст.
Господи боже, требало и порталите да се придржуваат на договорот. Порталите кои се равенство на социјалните мрежи, со нив се поврзани органски, нивното постоење исклучува туторство во однос на слободата на говорот како превасходна цел. Ако им ја одземете таа слобода, тоа право, порталите ја губат својата смисла. Тие се нешто многу поразлично од конвенционалните медиуми за кои важат тие строги конзервативни правила, кодекси. И конечно, Владата нема право да ја регулира содржината на нивната работа, а уште помалку да влијае понатаму од тоа.
Грција се изборила и за тоа – да ни влезе и во дневната соба.
Во секој случај, не би сакал да сум во кожата на нашиот министер за надворешни работи.
Никос Дендиас, вчера, со придружна доза на дипломатска пристојност го потсети Бујар Османи на обврските преземени од страна на нашата Влада за употреба на новото име на државата.
Нашиот министер, во тоа сум сигурен, не е чипиран идиот. Верувам дека поседува минимална доза на самопочит и човечки интегритет кои соговорникот му ги оспорува и со нив го брише патосот. Не можеш да бидеш среќен заради тоа.
На што се согласивме ние?
Да влеземе во Европа користејќи патека која не е обележана со темелните цивилизациски ориентири!
Фејсбук статус на Панче Наумов, политиколог







