Наумов: Борел беше брутално искрен, не остави простор за лажна надеж

“… Нe може да ви ветиме датум… Преговорите со Албанија и Северна Македонија се висок приоритет за ЕУ, но, знаете дека има еден проблем … “



Токму тој проблем, а и самата изјава на Жосел Борел дадена вчера во Скопје по којзнае кој пат не потсетуваат само едно нешто, а тоа е дека во политиката на Брисел, односно на ЕУ кон Македонија се “негува” една константа, непроменлива величина, а тоа е политиката на одбивање.

Пречките кои најпрвин ни ги правеше Грција, а сега и Бугарија се само изговор. Ако се случи, хипотетички, на пример, Албанија да биде пред нас во овие процеси, и оваа држава очекувано ќе се приклучи кон клубот на “давители“ на Македонија.

Ако тоа не е јасно, незнам што друго е јасно.

Од статусот на “пол позиција”, за кој Македонија се избори веднаш по дисолуцијата на Југославија врз основа на правната експертиза на комисијата на Бадентер, па се до вчерашната посета на Борел на Скопје, Македонија се движи по надолна линија.

Тоа е факт. Дел спаѓа во сферата на “личниот труд и залагање”, а дел, и тоа прилично голем, е заслуга на ЕУ.

Денеска можеби звучи нестварно, но факт е дека кон средината на деведесеттите барем еднаш месечно Скопје го походеа разни експерти на хрватската влада кои “купуваа” знаење од нашата Влада. Да не ја споменувам Бугарија и некои други земји.

Изјавата на Борел има и една друга димензија за која мислам дека неоправдано е запоставена. Ние сме навикнати на вакви и слични жестоки “изненадувања”, но вчера неочекувано, од наша перспектива гледано, Борел избра да биде брутално искрен.

Веројатно не случајно. Тонот на неговата изјава несомнено го диктираат околностите предизвикани со руската воена агресија врз Украина, но факт е дека Борел не ни остави ниту милиметар простор за лажни надежи.

Тој ни кажа дека Европа просто нема време да се занимава со Македонија затоа што има многу поважни преокупации ( како рече – “ова е момент на вистината за Европа”) затоа што е загрозена нејзината безбедност, а на врата и тропа најголемата економска и енергетска криза после Втората светска војна.

“Лингвистичко етничките проблеми” таму некаде на нејзината периферија во моментот не се вредни за нејзиниот труд и внимание. Од тие причини нашите евроинтеграции во моментот се зацементирани на подолг рок.

Проблемот со Бугарија едноставно нема солуција! Може таа солуција и да се пронајде, но само под еден услов, доколку Македонија се откаже од својот национален идентитет во корист на бугарскиот. Бидејќи тоа нема да се случи, затоа што не верувам дека било која Влада ќе прифати решение под тие услови, нашите евроинтеграции се ставаат ад акта. На Брисел тоа му е совршено јасно и токму тоа вчера ни го соопшти високиот преставник на ЕУ.

Од друга страна, пак, не ми е јасно зошто, но факт е дека ЕУ ги занемарува консеквенците од нејзиниот став во поглед на нашите безизгледни пристапни преговори. Една од рефлексиите на тој став е невообичаено големата популарност на рускиот претседател Путин.

Погледнете ги социјалните мрежи, таму ќе забележите дека Путин несомнено ужива висок углед во нашата јавност. Зошто е тоа така? Не треба да сте претседател на држава, доволно е да сте обичен граѓанин за да ви биде јасно кои се главните причини што јавното мислење во Македонија е наклонето кон Путин. А рускиот претседател не е ниту Меси, ниту Роналдо, не е поп ѕвезда, уште помалку е Бред Пит, а што е најважно најмалку е демократ, за да биде реално толку високо рангиран.

Оставете ги приказните за склоноста на простите Македонци кон феноменот “цврста рака“, Путин е персонификација, еден вид катарза која служи да се “исфрли” револтот заради изневерените надежи и дадените ветувања. Овој вид на т.н. социјално поведение има длабоки корени во традицијата на балканскиот менталитет. Згора на тоа, да не заборавиме, мнозинскиот дел од нашиот интелектуален екстракт е формиран врз вредносен систем кој, за среќа, не е целосно распаднат, а се потпира на етички категории како што се чест, достоинство. Драстичното отстапувањето од тие стандарди предизвикува трауми во колективната свест.

За мнозинството македонски граѓани ЕУ се доживува како големо разочарување, таа е поим за институција која ја упропастува иднината на Македонија.

Панче Наумов, политиколог