Институтот за национална историја (ИНИ) од Скопје на 3 и 4 мај ќе организира научна конференција за Гоце Делчев во чест на 150-годишнината од раѓањето на апостолот на македонската револуционерна борба.
Македонската конференција за најголемиот син на македонскиот народ ќе почне еден ден пред таа во Софија, во организација на Бугарската академија на науките (БАН) и тамошниот Македонски научен институт, а под покровителство на претседателот Румен Радев и се совпаѓа со 119-годишнината од смртта на Делчев.
„Оваа година се навршуваат 150 години од раѓањето на апостолот на македонското националноослободително движење ЃОРЃИ (ГОЦЕ) ДЕЛЧЕВ (4 февруари 1872 – 4 мај 1903). Името и дејноста на Гоце Делчев во македонската историја се синоним за една автентична борба за создавање независна македонска држава, а неговата севкупна активност ги рефлектира контурите на просветителските тенденции, военото организирање и идеолошката определба изразена меѓу другото и преку пацифистичката идеја за културен натпревар меѓу народите. За ова зборуваат достапните архивски документи и богатата научна литература, во кои Гоце Делчев се определува како идеолог, организатор, водач на македонското револуционерно националноослободително движење и како еден од составувачите на правните акти на Македонската револуционерна организација. Незаменлива е неговата улога во изработката на Уставот на Организацијата, во кој биле опфатени нејзините цели и задачи, уредувањето, раководењето, финансирањето, како и нејзините симболи.
Епохата во која живеел и дејствувал Гоце Делчев е обработена во голем број историски трудови од македонски и од странски автори посветени на Македонија и на македонското прашање, на македонскиот народ и на македонското револуционерно движење. Тоа го одразува неговиот неспорен придонес во создавањето на современата македонска држава, а неговиот ангажман остава белег на многу полиња од нашето денешно живеење и е трајно вграден во колективната меморија на македонскиот народ.
Токму затоа Институтот за национална историја ја организира Научната конференција „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“, чија цел е да му се оддаде почит на борецот за самостојна македонска држава и да се проследи неговото дело. Основните теми што се предлагаат даваат простор за индивидуален осврт на Гоце Делчев како револуционер, учител, автор на правни документи, како инспирација за книжевни и за уметнички дела, и како одраз на државотворните традиции во македонската современост“, се вели во најавата за конференцијата на ИНИ.
Научната конференција „150 години од раѓањето на Гоце Делчев“ ќе биде свечено отворена на 3 мај од 12:30 часот во Музејот на македонската борба.






