Настрада ли Груби во пресметката меѓу Ахмети и скопското крило на Меџити и Џафери

Артан Груби го нема во тесното партиско раководство. Ова е резултатот од денешната консултативна средба во ДУИ на која на членовите на скопското крило им се предложени високи партиски функции, јавуваат дел од медиумите.



Изет Меџити е предложен за потпретседател а Муса Џафери за претседател на надзорен одбор.

Груби по заминување од состанокот изјави дека ДУИ никогаш не била посилна, јави ТВ21.

На вечерашната консултативна средба во партиското седиште во Мала Речица што ја свика Али Ахмети усогласено е дека фракцијата на Меџити ќе добие раководни функции.

Според неименуван извор од партијата за потпретседател е предложен Изет Меџити, а потпреседатели би биле и Арбана Пашоли , актуелна пратеничка, како и Арбр Адеми и Бајрам Реџепи, јавува ТВ Телма.

За генерален секретар на партијата е предложен Фатон Ахмети а за организационен секретар Блерим Беџети.

Саранда Имери е предложена за трет секретар. Во тесното раководство би влегол и Муса Џафери како претседател на надзорниот одбор на партијата. Според оваа предлог листа која според извори на Телма е усогласена со Ахмети, во тесното раководство го нема Артан Груби.

Утре ДУИ ќе одржи Централен совет на кој ќе се бира ново раководство на партијата .

Откако тоа ќе биде избрано се очекува да биде побаран отчет за сработеното од министрите на ДУИ и првиот заменик на претседател на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби.

Партискиот портпарол Бујар Османи по завршување на средбата рече дека консултациите на членовите на претседателството со партиските ограноци била конструктивна.

„Имавме неформална консултативна средба на претседателот Ахмети, со претставници од партијата од различните ограноци во подготовка за утрешниот состанок на Централниот совет, каде ќе се донесат одлуки за формирање на Централното претседателство и другите органите на партија. Претседателот Ахмети правеше индивидуални средби овие денови, меѓутоа веќе во два наврати средби со повеќе функционери од партијата со кои се разменуваа ставови, консулатации како утре да се донесат одлуките на Централниот совет. Мислам дека целата средба помина во најконструктуивна атмосфера, во една атмосфера на соработка, на унифицираност, на спремност на партијата за нови походи“ – изјави Бујар Османи.