Наставник, стручен соработник во основно образование добива плата од 29.200 денари, а сите знаеме дека просечната плата во државата е 35.500 денари. Доколку се спроведе во целост колективниот договор, онака како што е напишан, на ист начин на којшто јавните функционери го испочитуваа законот и си ги зголемија платите за 78 проценти, почетната плата на просветните работници треба да биде 2.5 пати повисока од минималната плата. Тоа е според закон.



Ова го изјави Томислав Гиевски, претседател на Независниот синдикат на образование и наука во интервју за Радио слободна Европа.

Тој вели дека има апсолутно огромно незадоволство коешто преовладува во основните и средни училишта, како резултат на понудените ниски 10 проценти од страна на владата преку општиот колективен договор.

„Постојат огромни шанси учебната година да започне со штрајк, ние како Независен синдикат за образование и наука активно работиме на окрупнување на силата со цел да можеме да го реализираме тој процес. Се разбира, доколку и побројниот синдикат го искористи тоа право, ние сме тука да се солидаризираме и да ги окрупниме силите за да ја оствариме таа цел…“