Тринаесет земји од Европската унија го зголемија увозот од Русија во јуни, а останатите 14 го намалија купувањето руска стока, покажува анализата на податоците од руските статистички служби направена од РИА Новости.
Лидер меѓу оние кои го зголемија увозот беше Словенија, која речиси двојно го зголеми увозот на руска стока во однос на мај. Шпанија, исто така, значително го зголеми увозот (за 69 проценти), а на трето место беше Шведска (48 отсто). Четвртото место го зазеде Белгија, која го зголеми увозот за четвртина во монетарна смисла, а топ 5 го затвора Полска, која ги зголеми испораките од Русија за 19 отсто во текот на јуни. Увозот го зголемија и Бугарија, Данска, Летонија, Малта, Романија, Словачка, Хрватска и Естонија.
Истовремено, 14 земји од ЕУ го намалија увозот на руска стока. Лидер е Кипар со намалување на увозот од 92 проценти, а потоа следуваат Австрија (40 отсто) и Луксембург (37 отсто). Земјите со најголем пад на снабдувањето од Русија ги вклучуваат и Финска (27 проценти), Португалија и Чешка (по 23 отсто). Увозот на руска стока во јуни го намалија и Унгарија, Германија, Грција, Ирска, Италија, Литванија, Холандија и Франција.
Германија во јуни увезла најмногу во монетарна смисла – увезла руска стока во вредност од 3,5 милијарди евра, а потоа следат Италија (2,6 милијарди евра) и Холандија (1,7 милијарди евра). На четврто место е Белгија (1,3 милијарди евра), на петто е Франција (1,2 милијарди евра).
Малта во јуни стана земја со најмал увоз од Русија меѓу земјите од ЕУ – само 365,4 илјади евра. Луксембург увезе руска стока во вредност од 2,9 милиони евра, Кипар – 5,6 милиони евра. Хрватска купила руска стока за 12,1 милиони евра, а Ирска за 17,5 милиони евра.
Откако Русија ја почна „специјалната воена операција“ во Украина, ЕУ почна да воведува санкции против неа, вклучително и против увозот на руски стоки и суровини, но некои од нив, очигледно, не ги спроведувале најревносно.






