Според бројот на позитивни лица со ковид-19, во земјава, и бројот на хоспитализирани, кој е под 100, Македонија се наоѓа во жолта фаза од новиот бран во којшто доминира омикрон од сојот БА.5. Само градот Скопје, каде што има најголем број инфицирани со вирусот, е во црвена фаза. Според министерот за здравство Беким Сали, од идната недела земјава ќе биде во четвртата недела од бранот и пред почетокот на пикот.
Министерот посочи дека Комисијата за заразни болести ја следи ситуацијата, засега од нивна страна нема препораки за нови мерки, бидејќи освен Скопје во другите градови сè уште е мирно и нема голем број на инфицирани.
-Секојдневно имаме благо зголемување на новоинфицирани во државата. Ова е период на туризам, наши граѓани одат на странство и се враќаат странци кај нас. Скопје сè уште е жариште, црвена зона во однос на новозаразени, новоинфицирани лица, но во однос на оптоварување на системот сè уште сме во жолта зона. Од искуството на четирите брана, кои траат по 8 недели секој бран , ние сме во третата, односно идната недела во четвртиот бран пред пикот на новоинфицирани, но со ковидот не сме никогаш на сигурно, нагласи министерот Сали.
Тој го повика населението со хронични болести да се вакцинира со трета и четврта доза, доколку не го сториле тоа, за да се избегнат компликации Сали, исто така препорача сите кои се самотестираат да се изолираат превентивно дома 3 дена.






