Ќе се обединат ли Македонците барем еднаш и барем за нешто? Ќе најдат ли некогаш најмал заеднички содржател барем за една цел?
Судејќи според разногласието за пописот – тешко. Посебно во дијаспората, какафонијата е толку изразена што се „слуша“ дури до татковината. Едни се за попишување, за да си имаат потврда пред сопствената свест и пред своите наследници дека се изјасниле како Македонци во екот на најжестокото негирање на нивниот идентитет. Други се против, зошто „Заев и Ахмети ќе ги штелуваат бројките“, па ги напаѓаат првите дека им прават услуга. Трети ќе бојкотирале зошто не сакале да ѝ дадат легитимитет на „Северна“. На четврти баш им е гајле за сè и од „безбедна“ оддалеченост мудруваат или само фаќаат сеир, чудејќи им се на другите што губат време со „тривијални“ прашања, место да уживаат таму кај што се.
Како што одминува статистичката операција надвор од границите на Македонија, дебатата станува сè пожолчна, посебно на социјалните мрежи, при што не недостигаат ни лични навреди и дисквалификации. А безнадежната поделеност за тоа што да се прави ја покажува и досегашното учество на иселениците по континенти – Македонците во Европа се неспоредливо поактивни во пописот од сонародниците во Австралија, САД и Канада.
Ништо подобра не е ситуцијата ни во Македонија. Додека власта инсистира на попис, па макар и сто души дневно нека го загубат животот од Ковид-19, а пет-шест илјади нови нека се заразат додека вакцини нема ни за лек, опозицијата во македонскиот политички блок се согласува само дека пописот треба да се одложи. Едните собираа потписи и поднесоа до Собранието предлог-закон за тоа, други, пак, немало да отвораат врата.
И сега што да прават Македонците? Да се попишат или не? Што е подобро за нив и за нацијата – првото или второто? Камо аргументирано објаснување „шчо требит да напраиме за однапред“ додека власта се заканува со казна од 400 евра за тој што ќе одбие да се попише?
И додека Македонците се думаат, кај Албанците од Македонија, на пример, и владејачката ДУИ и опозициската коалиција на Алијансата за Албанците и Алтернатива ги повикуваат сонародниците, каде и да се, масовно да се попишат. Села и Гаши можеби му испраќаат ишарет на Мицкоски за здружување на силите во обидот да се урне Владата на Заев, но за пописот си остануваат вкопани во националниот ров. Тоа што 16.000 македонски државјани од Швајцарија до вчера го пополниле онлајн прашалникот на Државниот завод за статистика, а во таа земја иселениците Албанци се многу повеќе од Македонците, покажува дека е одговорено на апелот од политичките првенци во албанскиот кампус.
Македонците никогаш нема да бидат како Албанците, иако со масовниот бојкот на пропаднатиот референдум за името докажаа дека и тие знаат да „одиграат“ за себе и за својата држава. За веднаш потоа значителен дел од нив да им ги простат гревовите на Заев и компанија на претседателските и на парламентарните избори, „казнувајќи“ ја нивната алтернатива на политичката сцена?!
„Народе македонски, со какви идеи си ти“ додека пред твојот нос туркаат туѓи платформи и ја редефинираат државата по нечиј терк, користејќи го за тоа и пребројувањето на населението? „Доста беше, разбуди се, свести се, не спиј ти!“.






