Повикувајќи „ЕУ да го преземе водството во Западен Балкан“, австриската министерка за ЕУ и Устав, Каролине Едштадлер, бара меѓувладината конференција со Македонија и со Албанија да се одржи во првите месеци од 2024 година наместо до крајот на ноември или во декември годинава, како што се најавуваше претходно.



„Ако ЕУ сака да ги спроведе во дело своите зборови на солидарност со Западен Балкан, таа треба да цели кон следните пет пресвртни точки:

  1. отворање пристапни преговори со Босна и Херцеговина до крајот на 2023 година;
  2. меѓувладини конференции со Албанија и со Република Северна Македонија во првите месеци од 2024 година;
  3. конкретен напредок со Црна Гора пред ЕУ-изборите;
  4. напредок во пристапните преговори со Србија и во процесуирањето на апликацијата на Косово за членство пред ЕУ-изборите (предмет на понатамошните случувања во преговорите за нормализација меѓу Србија и Косово); ако ЕУ сака да го преземе водството, признавањето на Косово од сите земји-членки на ЕУ е императив;
  5. исто така сметам дека ЕУ треба да одреди конкретни, поединечни целни датуми на пристапување за секоја од шесте земји откако следната Европска комисија ќе ја преземе функцијата.

Конечно, додека ја признаваме важноста да се зборува за иднината на ЕУ, веруваме дека ова не треба да го одложи процесот на проширување на Западен Балкан. Ниту еден од овие чекори не би ги поштедил овие земји од исполнувањето на сите пристапни критериуми пред евентуалното членство во ЕУ.

Како и да е, во оваа етапа време е ЕУ да го преземе водството и да обезбеди вистински доказ дека продолжуваме да бидеме сериозни околу ЕУ-перспективата на регионот“, објави Едштадлер на Твитер.