Kако во Mакедонија да се задржи квалификуваниот кадар? Експертите од областа на економијата сметаат дека земјава мора да се потруди да ги обучи невработените лица. Потребни се многу реформи, велат познавачите, за да го задржиме квалификуваниот кадар во земјава.

- – „Не е трагедија ако увезуваме сезонски работници, оние работници коишто ни доаѓаат од трети држави па потоа се враќаат. Тие ги земаат големите компании. Трагедијата е да не можеме да ја вработиме нашата работна сила во тој сегмент на економија кој ни е секојдневен. Од производство на храна, услуги, кои се неминовни за животот на самите граѓани“, изјави за „Канал 5“ Абил Бауш, економски аналитичар.
Откако пред повеќе од еден месец, започна ангажманот на странски работници во Македонија, преку Агенцијата за вработување од јануари досега биле издадени вкупно 2.725 работни дозволи на странци. Најмногу странски работници има во Скопје, Битола, Куманово, Тетово, Велес и Гостивар и тие се најчесто застапени во занаетчиските професии – градежништво, пекарска индустрија и угостителство.

Младите пак, со кои разговаравме, велат дека се разочарани од состојбата во која се наоѓа земјава веќе подолго време. Голем дел од нив не ја гледаат иднината во државава и сериозно размислуваат на иселување.
- – „Иднината не ја гледам тука. Не е само поради платата, туку поради луѓето и нефункционирањето на системот. Мислам дека навистина тука нема иднина и мислам да одам во странство“
- – „Тука тешко се наоѓа работа со добра плата. Некои места не даваат добра плата и треба повисоки стандарди малку. Не знам дали ќе останам тука во Македонија, немам планови.
- – „Иднината е секаде, зошто да не биде кај нас, убава држава имаме. Ако имам прилика да одам во странство, би прошетал, би работел, да видам како е таму. Во принцип, секогаш би живеел во Македонија“
Инаку, во земјава, според последните информации од агенцијата за вработување, во мај, имало вкупно 107744 невработени лица..Најмногу невработени има во Скопје и Тетово.





