Откако за цело време на кампањата за референдумот молчеше и според сите неофицијални информации беше подготвена да се согласи на промена и на своето име и на името на државата МПЦ – ОА деновиве во Охрид им се приклучи на верниците во јасно искажаниот став за името и идентитетот.
Според извори во МПЦ – ОА иако кај дел од владиците се уште има дилеми како треба да се настапува во иднина за ова прашање, во Светиот синод преовладува ставот дека од излезените 610 илјади гласачи поголем дел не се верници на МПЦ и дека огромен дел од тие 1.200.000 што бојкотираа а се верници не се согласуваат со промена на името.
Дополнителна причина за реафирмирање на ланската одлука за неменување на името е блокадата на процесите во православниот свет кои можат да и помогнат на МПЦ конкретно, можното признавање на Украинската црква од страна на Цариградската патријашија
Официјално, Архиепископскиот црковно-народен собор (АЦНС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) на редовната годишна седница што се одржува во манастирскиот комплекс „Рождество на Пресвета Богородица“ во Калишта го потврди и реафирмира ставот за неменување на името на МПЦ и неменување на името на државата.
Во Резолуцијата на Соборот, како што истакна денеска на прес-конференција портпаролот на МПЦ-ОА владиката Тимотеј, поддржан е ставот на МПЦ од 26 декември лани за неменување на уставната позиција на македонскиот јазик, да се сочува унитарниот карактер на РМ и да не се отстапува од македонскиот национален идентитет.
-“Членовите на АЦНС воедно упатуваат и апел за национално единство и искрен и молитвен повик до сите политички субјекти во земјата за одговорен пристап во овој исклучително комплексен и полн со предизвици период за нашата татковина, со препорака да се употребат сите сили за запазување на националниот и духовен идентитет на македонскиот народ и сè што е македонско”, истакна Тимотеј.
Едногласно, како што рече Тимотеј, биле прифатени и изгласани и предложените амандамани за дополнување на Уставот на Македонската православна црква.
Редовното годишно заседание АЦНС го одржуваше вчера и денеска во манастирскиот комплекс „Рожденство на пресвета Богородица“ во Калишта, во рамки на одбележувањето на јубилеите „1000 години Охридска Архиеписопија“ и „60 години од возобновувањето на Охридската Архиепископија во лицето на Македонската православна црква“, како и „75 години од Свештеничкото собрание во Издеглавје“, „200 години од раѓањето на митрополитот Партениј Зографски“ и „1155 години од Моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј“





