Власта пак ги излажа највозрасните граѓани во Македонија. Од денеска почнува исплатата на септемвриските пензии, пензионерите ќе земат пензии повисоки за 5,3 проценти согласно методологијата за раст на пензиите. Проекцијата на Министерството за труд и социјална политика за месец септември беше покачување од најмалку 6 проценти, ама ништо од тоа.
На последната средба, на 14 август, со претставници на пензионерите за време на големиот протест на кој дојдоа и пензионери од цела Македонија, министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, меѓу другото рече:

„Со последните измени на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, кои стапија на сила во март 2022 година, и воведувањето на новиот начин на усогласување на пензијата, со усогласување со комбиниран модел од 50 отсто пораст на просечната плата и 50 отсто пораст на трошоци на живот пензиите пораснаа за околу 21 отсто. Првото усогласување во септември 2022 година беше 6.8 отсто, второто во март 2023година – 8.4 отсто и моменталната проекција за септември 2023 година – најмалку 6 отсто. Заедно со усогласувањето во јануари 2022 година тоа е раст за околу 24 отсто од доаѓањето на овој владин состав“.
Инаку, пензионерите бараат најмалку за 3.500 денари линеарно покачување на сите пензии, а најниската пензија да биде во износ од најмалку 18.000 денари. Во спротивно, како што беше порачано и од септемврискиот протест, ќе се побараат оставки од министерката и од премиерот.





