Највисоко постхумно признание за еден од највлијателните верски лидери во Македонија

Комисијата за односи со верските заедници постхумно му додели највисоко признание на еден од највлијателните верски лидери во Македонија, покојниот Виктор Мизрахи, општественик кој со својата педесетгодишна активност остави трајни белези во македонското општество.



Виктор Мизрахи потекува од старо Еврејско Сефардско семејство за чие присуство во Скопје, Македонија пишани податоци постојат од 1644-та година.

Роден е во 1950-тата година, каков второ дете на Самуел и Злата (Ору) Мизрахи.

Тој беше член на Еврејската заедница во Република Македонија од раѓање и нејзин претседател во два мандата (од 1996 до 2004).

Мизрахи го постави камен темелникот и создаде силно пријателство и соработка на Македонија со државата Израел по што стана и првиот почесен конзул на Државата Израел во Македонија (од 2005 до 2014).

Неговите заложби и заслуги за опстанокот и зачувување на заедницата, еврејската култура, традиција и историја се огромни, и истите до денешен ден ја обликуваат формата на препознатливост и значење на Еврејската заедница во Македонија.

Во неговиот мандат како претседател на Еврејската заедница, Еврејска заедница во Република Македонија стана финансиски независна, се возобнови издавањето на билтенот “11- ти Март 1943”, а во 2000 година во Скопје се отвори и првата синагога во независна Македонија, со што и формално беше возобновената векови старата Синагога Бет Јаков од Скопје и за прв пат по уништувањето на Синагогите на Евреите од Македонија во втората светска војна, се овозможи одржување на служби за еврејските празници.

Виктор Мизрахи тесно соработуваше со институциите на државата, верските заедници и еврејските организации и асоцијации ширум светот, тој беше основоположникот и столбот со кој и врз кој се решаваа највиталните прашања за Еврејската заедница.

Едно од овие прашања беше и влезот на Еврејската заедница во Уставот на Македонија како полноправна верска заедница.

Со осамостојувањето на државата, а со тоа и на заедницата, тој зема исклучително активно учество и даде сериозен личен придонес и во работата на Комисијата за односи со верски заедници и религиозни групи, особено во кризните периоди кои следеа по турбулентниот распад на поранешна Југославија, кога благодарајќи на работата на сите верски заедници и Комисијата се оневозможии регионалните тензии да се прелеат во Македонија во форма на национална или верска нетрпеливост.

На прашањето како верските лидери постигнуваат такви успеси во Македонија, одговараше дека сето е поради нивната огромна взаемна почит и љубов на ниво на семејство, која мора и понатаму да се пренесува кон верниците.

Како активен член во семејството на верските лидери, беше член на Одборот за меѓуверска соработка, работеше со Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), давајки активен придонес и земајки учество во бројни настани со цел промоција и јакнење на меѓу верската и меѓу религиска почит и соживот.

Учествуваше во Форумите дијалог помеѓу цивилизациите, самитите на религиските лидери, на Меѓурелигиските средби на Свештеници и Имами, Конференции за унапредување и збогатување на меѓурелигиската соработка, советувања на теми верски заедници и религиски групи во Република Македонија, конференции за промоција на слободата на религијата и вероисповеста, кој беа одржувани во Република Македонија но и надвор од неа.

Виктор Мизрахи беше потписник на *ЗАЕДНИЧКАТА ПОРАКА ЗА МИР* од сите верски лидери во 2001 година и активен учесник во напорите за смирување на меѓуетничките и меѓуверски тензии за време на конфликтот во 2001 година.

Во периодот по 2001-та година, учествуваше во изготвувањето на Законот за верски заедници и религиозни групи и беше поборник за имплементација на веронаука во училиштата од културолошки и филосовски аспект во цел на меѓусебно запознавање и зближување;

Тој беше идеен творец и учесник на “Меѓурелигиската конфереција за мир” во МАНУ во 2003 и иницијатор и творец на лидерска средба на сите верски лидери по повод отворањето на меморијален центар во 2011 година и уште многу други активности.

Долги години Виктор Мизрахи беше член и на организацијата Бнеи Брит, а беше и идеен творец, еден од основачите и претседател на огранокот на Еврејското хуманитарно друштво Лабеневоленција (Добра Волја) во Скопје, за што сведочат бројни благодарници од образовни и здравствени установи ширум Републиката. Организираше и реализираше бројни хуманитарни акции, директно и активно се даде себе си во извлекувањето на Евреите од воените жаришта за време на воениот конфликт на територијата на поранешна Југославија, како и во обезбедувањето на помош на бегалците од Косовската криза.

Виктор Мизрахи беше носител на идејата, двигател и активен учесник на домашен и меѓународен план во реализацијата на поставувањето на спомен обележјето на македонските Евреи, жртви на холокаустот, во трајната поставка во музејот Треблинка во Полска во 2008 година, и воедно и во создавањето и промоцијата на Фондот на Холокаустот на Евреите од Македонија и отворањето на Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, во март 2011 година во Скопје , во спомен на 7.144 Евреи (од кои 84 члена на потесното семејство Мизрахи) кои на 11-ти Март 1943 година беа депортирани од страна на бугарската фашистичка окупаторска власт во логорот на смртта Треблинка, во окупирана Полска и од кои никој не преживеа.

Почина на 01 септември 2022 година, во 72-рата година од животот.

Неговите дела се трајно впишани во животот и меморијата на Еврејската заедница и ќе се паметат и од луѓето на добра волја ширум светот.

Ќе биде запомнет по зборовите : “ Јас не го сакам изразот Толеранција. Толеранција значи дека некој треба да трпи и толерира додека мора. Наместо толеранција јас го користам зборот соживот. Соживотот и почитувањето се далеку подлабоки и посилни термини од толеранцијата, зошто соживотот и почитта се традиција на овие простори. Да продолжиме да живееме и да го правиме она што го правеле нашите предци.“