Најстариот факултет во пет точки го разби концептот за реформи на Царовска

Најстарата високообразовна институција во Македонија, Филозофскиот факултет во Скопје, смета дека имплементацијата на Концепцијата на министерката Царовска може да предизвика сериозни проблеми во образованието.



Врз основа на член 110 Законот за високото образование („Сл. весник на РМ“ бр. 82/2018), член 59 од Статутот на Филозофскиот факултет (Универзитетски гласник бр. 463/19), Наставно-научниот совет на Филозофскиот факултет во Скопје, на својата VI вонредна седница одржана на 25. XII 2020 година, ги донесе следните

З А К Л У Ч О Ц И

I

По разгледувањето на Нацрт верзија на Концепцијата за основно образование, претставена од Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија, Филозофскиот факултет смета дека таа содржи методолошки и дидактички недоследности и решенија кои не соодветствуваат на воспитно-образовната и општествената реалност во државата, со што имплементацијата на Концепцијата може да предизвика сериозни проблеми во сферата на образованието. Предлогот не содржи финансиска конструкција на предвидените реформи, ниту се дадени на увид анализите и резултатите од претходните истражувања и анкети кои го оправдуваат предложениот модел на образовна реформа во државата.

II

Спојувањето на предметот историја кој припаѓа на хуманистичките науки со група на предмети од општествените науки, претставува неприфатливо минимизирање и игнорирање на незаменливото и витално образовно значење на историјата. Наспроти предложената интеграција на предмети, Факултетот смета дека истите исходи може да се постигнат преку интеграција на цели како концепт.

III

Нацрт-концепцијата предлага холистички пристап кон наставните содржини во кои неприродно се споени теми од општествените науки (социологија или граѓанско образование), хуманистиката (историски науки) и природните науки (географија) без притоа да се води сметка за спецификите на науките и за методологијата на нивното елаборирање во наставни содржини за деца од 6 до 14 години.

IV

Потребно е да се предвиди и овозможи подолга разумна временска рамка за создавање на квалитетна реформа во основното образование во која ќе биде земена предвид комплексноста на сите процеси за натамошна имплементација како и критичкото мислење на сите релевантни фактори, а со оглед на комплексноста на предложените решенија и далекусежните последици што усвојувањето на оваа Концепција ќе ги предизвика за севкупниот образовен систем на сите три рамништа (основното, а потем, следствено и на средното и на високото образование).

V

Во Нацрт концепцијата не е опфатено ниту Инклузивното образование (член 11 од). Дополнително, според член 8 од Законот за основно образование (став 1), основното образование се организира во три периоди: од прво до трето, од четврто до шесто и од седмо до деветто одделение. Не е јасно зошто предлогот се однесува на прво и шесто одделение, а не на прво и четврто или прво и седмо одделение.

Кон овие заклучоци Филозофскиот факултет во Скопје има утврдено и поконкретни предлози, сугестии и ставови, но за истите би се отворило простор за дискусија доколку се создадат наведените предуслови.

Филозофскиот факултет e најстарата високо-образовна институција во државата, основан во далечната 1920 година, кој својата наставно-научна дејност во првата учебна година ја започнал со 10 наставника и 30тина студенти. Денес, Филозофскиот факултет е современ, интердисциплинарен факултет, сочинет од 12 институти од хуманистичките и општествените науки, со 106 наставници и околу 3000 студенти на сите три циклуси на студирање.

Наставата на Филозофскиот факултет се одвива во рамки на 12 институти – филозофија, историја, педагогија, социологија, класични студии, историја на уметност и археологија, психологија, социјална работа и социјална политика, специјална едукација и рехабилитација, безбедност одбрана и мир, родови студии, семејни студии. Заклучно со учебната 2019/20 акредитирани се вкупно 19 студиски програми на прв циклус студии со 240 кредити, 34 студиски програми на втор циклус студии со 60 или со 120 кредити и 6 студиски програми на трет циклус студии со 180 кредити. Дипломите на сите три циклуси се широко признаени и овозможуваат продолжување на студиите на други универзитети во светот.

Покрај наставата, на Филозофскиот факултет има и развиена научно-истражувачка дејност. Во склоп на Факултетот постојат повеќе истражувачки центри, како Балкански Центар за проучување на мирот, Центар за образование и истражување, Анкетен истражувачки центар, Национален центар за континуирано образование за социјален развој, Центар за изработка и примена на тестови – Психометрика, Национален информатички центар за дефектолошки истражувања, Центар за едукациска поддршка на Ромите (ЦЕПОР), Центар за учебници по историја (ЦУИ), Центар за менаџмент на човекови ресурси, Центар за интеркултурни студии и истражувања, Центар за интегративна биоетика, Центар за доживотно учење. Исто, така Факултетот е издавач на 12 научни списанија кои имаат меѓународен карактер.

Филозофскиот факултет својата наставно-научна дејност ја вмрежува и во широко развиена меѓународна соработка. Филозофскиот факултет има 101 активен Еразмус договор со универзитети од Европа, учествува во 6 ЦЕЕПУС мрежи за универзитетска мобилност и има бројни билатерални договори со универзитети од светот. На Филозофскиот факултет се реализираат и голем број истражувачки проекти од меѓународен карактер. Факултетот е носител и партнер во неколку Еразмус проекти за стратешки партнерства во високото образование, партнер во проекти од програмата Хоризонти, ја реализира Европската судија за вредности за Македонија, член е во националната мрежа за Европското општествено истражување. како и голем број на проекти од билатерален карактер, во партнерство со меѓународните организации, како: Обединетите Нации, Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), УНИЦЕФ, и сл.