Најскапи или најевтини горива во регионот?

Цените на горивата, донирањето тенкови и авиони за Украина, како и анкетата на ИПСОС, најкоментирани теми на фејсбук страницата на Радио Слободна Европа. Еве дел од нив.



Нашите граѓани, барем оние што ја следат Радио Слободна Европа на македонски, како да не им веруваат на податоците на црногорското Министерство за капитални инвестиции дека Македонија и Црна Гора имаат најевтини горива во регионот – Црна Гора има најевтин бензин, а во Македонија најевтино е дизел горивото.

Мухамед Исмајили ја критикува информација на РСЕ и напишал: „Со најскапи, САМО да лажете, бравоссс“. Марјан Јовановски постирал: „Ама и со најнизок стандард, така што испаѓа дека на граѓаните според платите им е најскап освен на политичарите и неколку компании кои земаат големи плати и според тоа кажуваат…“ Тони Павловски со цинична шега до властите на двете држави: „Дигнете тоа цената, што е ова горива за џабе се продаваат, ќе се обрукате пред Европа“. Исто како и Бобан Митевски: „Изгледа и највисоки плати во регионот“, завршувајќи ја објавата со три смешковци. И Ванчо Јованов ѝ наоѓа маана на нашата редакција: „Абе за платите ништо не кажаате, сигурно сте заборавиле да напишете“.

Посетителите на ФБ страница на РСЕ се чини превиделе дека Македонија ѝ донираше тенкови на Украина, па по информацијата дека е испратен армиски хеликоптер за гаснење на пожарот што беснее помеѓу Дојран и Богданци, Станко Адвокат напишал: „Па нели ги пратија во Украина“, а Александар Китанов веројатно мислејќи на малкуте армиски хеликоптери како со подбив напишал: „Дури еден или два“.

Михајло Подољак, главниот советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, преку објава на Твитер напишана на македонски јазик се заблагодари за помошта што од македонска страна пристигнува за Украина за време на руската воена инвазија врз таа земја, со зборовите: „Пријателот се познава во неволја“.
Извор: РСЕ.МК