Американскиот претседател Џо Бајден одржа прес-конференција откако ги доби првите фотографии во боја од најмоќниот телескоп Џејмс Веб од претставници на НАСА.
Првата фотографија, рече Бајден, покажува неверојатна снимка од длабоката вселена која се протега наназад повеќе од 13 милијарди години. „Ова е најдлабокиот поглед во вселената некогаш направен“, рече Бајден.
Фотографијата го прикажува SMACS 0723, галактичко јато кое го зголемува подлабокиот универзум зад себе од перспектива на Земјата, овозможувајќи да се види некоја од најраните светлини на универзумот. Некои од овие далечни галаксии и ѕвездени јата никогаш досега не биле видени.
Самото галаксиско јато всушност не е толку далеку – „само“ оддалечено околу 4,6 милијарди светлосни години, пишува Би-Би-Си.
„Тоа е најдлабоката слика од нашиот универзум некогаш направена“, рече Бил Нелсон, администратор на НАСА.
„Ние гледаме наназад повеќе од 13 милијарди години“, рече тој, додавајќи дека новите снимки објавени од вселенската агенција ќе стигнат уште подалеку, околу 13,5 милијарди години, блиску до проценетата почетна точка на самиот универзум. „Речиси се вративме на почеток“, рече Нелсон.
Џејмс Веб, телескоп вреден 10 милијарди долари, е развиван од средината на 1990-тите и конечно беше лансиран во вселената во декември. Опишан е како најмоќниот телескоп кој некогаш бил испратен во вселената, по познатиот вселенски телескоп Хабл.
Има две главни цели. Едната е да се фотографираат првите ѕвезди кои светеле во универзумот пред повеќе од 13,5 милијарди години, а другата е да се испитаат далечните планети за да се види дали има услови за живот на нив.







