Руската војска е во процес на распоредување на С-500, најнапреден систем за противвоздушна одбрана во земјата, објави претседателот Владимир Путин за време на обраќањето до дипломираните студенти на воените колеџи во Москва.



Тој притоа ги опиша плановите на Русија за поставување напредни вооружени системи, кои, како што рече, „ќе ги одредуваат борбените способности на армијата и морнарицата во годините и децениите што доаѓаат“, објави „Раша тудеј“.

Путин изјави дека ракетниот систем со долг дострел С-500, кој е дизајниран да пресретнува авиони и проектили и може да има некои антисателитски способности, нема рамен во светот.

„С-500 Прометеј“ е дизајниран од производителот на оружје „Алмаз-Антеј“ како продолжение на неговото семејство на ракети земја-воздух со долг дострел. Се верува дека има домет од 600 километри и е способен да пресретнува цели кои патуваат со хиперсонична брзина, вклучувајќи боеви глави на интерконтинентални балистички ракети.

Се вели дека „Прометеј“ е тесно интегриран со други системи на „Алмаз-Антеј“, како што се С-400 и С-350, кои ќе им овозможат на распоредените батерии да имаат синергија со другите елементи на слоевитоста на руската воздушна одбрана.

Шефот на „Алмаз-Антеј“, Јан Новиков, изјави дека компанијата очекува С-500 да стане столбот на руските противвоздушни капацитети. Тој уште во април потврди дека системот отишол во сериско производство.