Најмалку 21 загинат и 18 повредени во стравична автобуска несреќа кај Венеција

Најмалку 21 лице загина, а десетици се повредени во тешка автобуска несреќа во Италија, во близина на Венеција.



Автобусот во кој се превезувале голем број луѓе синоќа малку пред 20 часот излетал од надвозникот „Либерта“ во Местре, близу Венеција, и откако летал 10 метри паднал на железничка пруга и се запалил.

Според последните информации, загинале најмалку 21 лице, од кои некои се јагленисани, а 18 се повредени.

Возачот последен бил извлечен од кршот. Поради несреќата, железничката линија меѓу Местре и Венеција е прекината и алармирани се блиските болници. На терен се пожарникари и Брза помош.

Автобусот е возило на компанијата „Ла линеа“, пренесува весникот „Ла стампа“.

„Огромна трагедија ја погоди нашата заедница вечерва. Апокалиптична сцена, немам зборови“, изјави градоначалникот на Венеција, Луиџи Бруњаро.

Засега не се познати околностите за несреќата.

Како што пренесуваат италијанските медиуми, автобусот на надолнината ја пробил заштитната ограда, паднал и завршил меѓу магацинот и колосекот на станицата Местре, при што се запалил.