Вчер, во својата 76-та година од животот почина познатиот македонски филмски режисер и сценарист Кирил Ценевски.



Најголемите заминуваат, полека и тивко, речиси на прсти! Што да се каже? Четири играни филма – “Црно Семе, Јад, Оловна бригада и Јазол“. И десетина документарци. Сосема доволно за да го паметиме толку колку што ќе имаме памет за да разбереме дека за среќа ништо не почнало од нас! Да, многу работи во Македонската кинематографија почнале од Кирил Ценевски и неговиот прв филм “Црно семе“! Сепак си посеал и нешто во пастелни бои, пишува реисерот Јани Бојаџи.

„Црно семе“, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.
Роден е во Крива Паланка, 28.1.1943 година. Филмски режисер и сценарист, студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занима уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот Цената на градот (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот Црно семе, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври и др.