Најголемиот авторитет во СДСМ за Бехтел и Енка дал оставка од Извршниот одбор

Професорот Мишко Ралев, декан на факултетот за архитектура на Американ Колеџ, поднесол оставка од функцијата член на Извршниот Одбор на СДСМ.



Професорот Ралев кој важи за најголем авторитет на темите поврзани со договорот со Бехтел и Енка и коридорите 8 и 10 Д го информирал врвот на партијата дека заминува од најважното тело на СДСМ.

Партиски извори во СДСМ ја потврдуваат оставката но не можат да ја кажат точната причина за заминувањето на Ралев.

Според истите извори професорот Ралев како висок член на Асоцијацијата на архитекти на Македонија подолго време укажувал на недостатоците на проектот Бехтел и Енка но во партијата досега немало остра дебата или размена на високи тонови за коридорите 8 и 10 Д.

За Ралев се вели дека тој пресупредувал дека нема транспарентност и бил иритиран што за овој проект не се консултирани стручните асоцијации од градежната фела и архитектурата.

Доколку имало кавга меѓу Ралев и врвот на СДСМ пред оставката тоа не се случило на официјален состанок туку на некоја средба на која биле малку луѓе велат членови на партиските структури на партијата на власт.

Името на професорот Ралев се уште се наоѓа на листата на членови на ИО но се очекува партиските органи наскоро да го избришат од неа.

Професорот Ралев може да биде првиот функционер на СДСМ кој настрадал за различно мислење од партискиот врв за скандалот Бехтел и Енка кој на ниво на влада го координира Артан Груби од ДУИ.

Забелешките на поддржувачи на Ралев во СДСМ се дека за разлика од структурите на СДСМ каде има такви, во врвот на ДУИ и во владата нема ниту еден архитект или градежен инжинер кој може да даде објективно стручно мислење за скандалозниот проект со Бехтел и Енка.

Ралев е колега на премиерот Ковачевски со кого заедно предавале на Американ Колеџот.