Фудбалската мегаѕвезда Кристијано Роналдо објави дека со својата сопруга Џорџина Родригес го загубиле новородениот син.
„Со најдлабока тага објавуваме дека нашето бебе почина. Ова е најголемата болка што родителите можат да ја доживеат. Само раѓањето на ќерка ни дава сила да го преживееме овој момент со надеж и среќа.
Би сакале да им се заблагодариме на лекарите и на медицинските сестри за помошта и за грижата. Сите сме уништени од оваа загуба и бараме приватност во овој многу тежок период.
Наше бебе, ти си нашиот ангел. Секогаш ќе те сакаме“, напишаа 37-годишниот напаѓач на Манчестер јунајтед и девет години помладата сопруга во заедничката објава на Инстаграм.
Петкратниот добитник на „Златната топка“ за фудбалер на годината во светот и Џорџина Родригез ја добија својата прва ќерка во 2017 година и ѝ го дадоа името Алана Мартина. Роналдо ги има и синот Кристијано Јуниор (роден во 2010 година, името на мајката не се открива), како и близнаците Ева и Матео, кои се родени од сурогат-мајка во 2017 година.






