„Бујар Османи не смее да биде министер за надворешни работи на Македонија!“ – изреагира со овој став преку својот фејсбук-профил универзитетската професорка Мирјана Најчевска кон Бујар Османи, откако тој изнесе барање „Македонија да го преиспита учеството во Отворен Балкан, ако се докаже дека Србија е како држава вмешана во случувањата во Косово“.
Објавата на Најчевска наиде на ваква реакција на фејсбук: „А што имаме ние со Косово? Тоа е нивни проблем, кој воопшто не не засега нас. Престанете вие, функционерите од албанска националност повеќе да се интересирате за Косово отколку за Македонија! Вие живеете во Македонија и земате плата од Македонија, а не од Косово и Албанија!“
Преку фејсбук во мај годинава Најчевска се огласи со жестока критика кон Бујар Османи, обвинувајќи го дека „како лакеј на лидерот на ДУИ Али Ахмети ги крши Уставот и законите во вршењето на таа министерската функција“. Тогаш таа потсети на зборовите на Османи, кој сам кажа дека „одговара единствено пред Али Ахмети и оти го известува единствено него секојдневно во лична комуникација надвор од каналите на Мминистерството за внатрешни работи, со заобиколување и на Владата и на Претседателот на државата.“




