Како искомпромитираните носители на јавните функции упорно опстануваат во политиката
„Носители на јавни функции, компромитирани по повеќе основи, па дури и оптоварени со сомневања и обвинувања за тешки коруптивни и криминални дела, упорно преживуваат во македонскиот политички простор. Како некаква специфична општествена појава таа е присутна во македонското општество од осамостојувањето до денес, со тоа што во последново десетлетие станува сѐ поизразена, но и позабележлива во јавноста. Токму таквите појави и вкоренети навики ја влечат државата наназад.“ – се вели во анализата со наслов „Кога политикантството е посилно од правото, моралот и етиката“, објавена во весникот „Нова Македонија“
Во анализата пишува: „Луѓе што се морално, етички, но и правно (законски) компромитирани, неретко добиваат одговорни државни и јавни функции!? Којзнае од кои причини, ним им се дава можност за повторување на делата и за градење не само на културата на неказнивост туку и на општиот впечаток дека постапувањето спротивно на законските и на етичките норми се наградува!? ‘Повикувањето на правото на презумција на невиност, неправосилноста на пресудите, одолжувањето на судските спорови до застарување, се само некои од начините, на кои во политиката преживуваат луѓето, што одамна требало да бидат елиминирани од политичкиот живот и што им овозможува да ги повторат делата’ – објаснуваат упатените.“
Професорката Мирјана Најчевска вели: ‘Многу често високите функционери осомничени за помали и поголеми прекршувања на законите не завршуваат со казни, во затвор. Делата се заташкуваат, добиваат симболични завршници, се забораваат и/или застаруваат. Сторителот на прекршувањето, повисок или понизок функционер во власта, на располагање има систем од институции, органи, средства, да прикрие докази, да се закани или да поткупи сведоци. Има позиција, што му овозможува достап до луѓе, информации и податоци потребни за затскривање на направеното прекршување. Повисокиот или понизок функционер што го прекршил законот станува модел и пример како не треба да се почитува и да се спроведува законот.“
„Има голем број законски механизми за справување со ваквите појави, но не се активираат“
„Правниците се согласни дека, и покрај често сосема спротивниот општ впечаток, системот располага со голем број законски механизми за справување со ваквите појави, и проблемот го поврзуваат, пред сѐ, со недостигот од политичката волја, но и со немањето критична маса во јавноста што, конечно, ќе му се спротивстави на упорното промовирање и форсирање на компромитирани кадри од страна на политичките партии.“
Интернет – врска до целата анализа:
https://www.novamakedonija.com.mk/makedonija/politika/koga-politikantstvoto-e-posilno-od-pravoto-moralot-i-etikata/





